Здравството тоне во скандали, одговорност нема

Скандал по скандал во здравството. Последен во низата е вчерашниот, кога во јавноста беше обелоденета информација дека гинеколог од Србија, без лиценца за работа, вршела породување со царски рез во битолската болница. За овој случај кривична пријава добија сопругот на Србинката, кој бил вработен како гинеколог во болницата во Битола, но и поранешниот заменик-министер за здравство и национален координатор во Владата на Зоран Заев, докторот Гоце Чакаровски, поради тоа што дозволил докторката да влезе во операционата сала иако таа немала дозвола да работи во Македонија. Министерот за здравство призна дека за случајот знаел уште од минатата недела.

„Не сум го слушнал докторот Чакароски. Немав контакт во врска со ова прашање. Не информираше директорката дека има ваков случај во текот на изминатата недела а вчера излезе во медиуми. Ќе го чекам официјалниот извештај“, вели министерот Венко Филипче.

Минатиот месец скандал ја стресе и болницата во Струга откако родилка обелодени дека по породувањето од болницата си заминала без матка, јајник и бубрег. За оваа таа поднесе кривична пријава против директорот на болницата Мухамед Асани, кој го извршил породувањето. Уште една пријава за Асани поднесе и семејство од Дебар, кое тврди дека несовесното работење на гинекологот е причина поради која нивната ќерка ќе има трајни последици врз менталниот развој. ДЗСИ изврши увид и во домот на Асани, но освен забрана за работа во приватната ординација која се наоѓала во домот на Асани, тој се уште е прв човек на болницата во Струга. За неговото разрешување надлежен е министерот за здравство, но Филипче уште го чекал извештајот од Лекарската Комора.

Овие случаи се само два примери за сите пропусти во здравството кои се случија во време на пандемија. Јавноста се уште се сеќава на пациентката од Струга која со часови чекаше лекарска нега легната во комбе на Брзата Помош, по што почина поради компликации од Ковид 19. И пациентка која се лекувала во штипската болница, почина молејќи за боца кислород. За ниту еден од овие случаи нема одговорност за лекарска грешка.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста