Здравствените власти потрошиле над 1.700.000 денари – народни пари само за првите физибилити студии

Само за досегашните неколку анализи што треба да ги оправдаат идеите за јавно-приватните партнерства, Министерството за здравство потрошило над 1.700.000 денари, народни пари. Филипче не отстапува од плановите приватници да стопанисуваат со одредени дејности во државниот здравствен систем. Па уште необјавени резултатите од старите, чија изработка доста доцнеше, министерот најавува нови физибилити студии.

-Она за кое следно размислуваме е системот за радиологија. Имаме значајно помал број на радиолошки апарати, комјутеризирана томографија, магнетна резонанса, во однос на бројот на жители. Физибилити студијата ќе покаже дали приватен партнер со соодветен начин на менаџирање, со истата цена на наплата од страна на Фондот за здравствено осигурување, ќе може да го зголеми пристапот на граѓаните, пациентите кон превентивни програми, изјави Филипче.

Освен за детска кардиохирургија која веќе функционира на ваков принцип, и по речиси една година од споделените планови, има само нарачки за физибилити студии, а се уште нема реализација, но ни конкетни појаснувања што ќе значат ваквите партнерства.

Министерот Филипче уверува оти идејата приватници да стопанисуваат и раководат со установи е добра. Засега и за планот – приватник да стопанизува со Брзата помош и домашната посета, но и за идејата стерилизацијата да се даде на приватен партнер и да функционира на принцип на јавно приватно партнерство, наидоа на голем број остри реакции од лекарите.

На ваквите најави жестоко говореа и од Синдикатот на клинички центар, од каде што побараа здравствените власти да се консултураат со сите пред да спроведат вакви планови, а според нив јавно-приватните партнерства не значат ништо друго освен приватизација на јавното здравтсво.

Сања Трајковска Ставров