Здравствена или политичка – одлуката за воведување на нови рестриктивни мерки ја збуни јавноста

Здравствена или политичка, одлуката за воведување на нови рестриктивни мерки ја збуни јавноста. Министерот за здравство Филипче, пред два дена трврдеше дека вирусот бил толку многу раширен што немало ефект од нови рестрикции. Но, денеска со друга реторика, мерките биле потребни за да се намали притисокот врз болничките капацитети, а одлуката за нивно воведување вели не била политички мотивирана.

„Никогаш мерките не биле политички мотивирани и секогаш сме се воделе од заштита на јавното здравје како наш врвен приоритет. Точно е дека вирусот е широко распространет, а мерките кои што до сега важеа дека се ефективни го гледаме во тоа што навистина во многу градови веќе епидемиолошката крива се зарамнува. Во ваква ситуација кога имаме преоптеретени болници, дополнително комплицирање на ситуацијата која што очекуваме да се случи за време на празниците доколку не се почитуваат мерките како што тоа беше случај лани, ние нема да може да издржиме“, вели министерот за здравство Венко Филипче, на прашање на Алфа дали воведувањето на нови рестриктивни мерки има поврзаност со одложувањето на пописот.

Граѓаните се револтирани – реагираат оти меркоте не се добро димензионирани, бидејќи од една страна се ограничува движењето за да се спречи т.н. групирање на младите, а не се води сметка за јавниот превоз каде патниците се туркаат за да стигнат од и до работа. Најголем проблем е велат тоа што со работа ќе продолжат казината и обложувалниците. Децидни се дека мерките доцнат и оти вакви рестрикции би биле ефективни доколку беа донесени во февруари, а не во април. На социјалните мрежи прашуваат дали одлуката на надлежните е поврзана со одложување на пописот?

„Каква иронија, се носат дополнителни мерки, а од друга страна наместо да пиштат повеќе автобуси, тие ги преполовуваат. Изгледа дека навистина вирусот не сака да се вози со автобусите“.

„Епа министре нели беше се под контрола, нели сега ќе бивме петти ден од пописот, што бидна вака наеднаш или ако имаше попис тогаш коронате немаше да биде до толку смртоносна“.

„Најдобро за сите нас е да си дадете оставка од оваа функција, се гледа дека не сте спремни за справување со пандемијата“, пишуваат корисниците на Фејсбук.

Полицискиот час, кој наместо од 22 ќе стартува во 20 часот, стапув а на сила од денеска и ќе трае во следните две недели.

Од утре пак, клуч на врата ставаат сите угостителски објекти, кафеани и кафе барови, односно ќе можат да работат само тие за достава на храна и пијалок или пак, тие што ќе обезбедат подигнување на храна преку таканаречен шалтерски систем.

Забрана за работа има и за фитнес салите, спортските и салите за вежбање, а се забранува и организирање, одржување и учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и слично. Тие што имаа домашни миленици, ќе можат да ги прошетаат меѓу 22 и 23 часот, но не подалеку од 100 метри од адресата на живеење.

Биљана Божиновска