Здравко Кочишки „ДВД 5“ – Најнапредни сме па затоа сме без конкуренција

Ниту малверзација со тендери ниту омилена фирма поради политичка позадина, ДВД 5 била фирма која е технички и технолошки најнапредна во државата, па оттука години наназад важи како еден од клучните организатори на музички настани и хепенинзи – по сторијата на Алфа за јавните набавки во ресорот култура, реагираше сопственикот на ДВД 5, Здравко Кочишки. Тој објаснува дека во бизнисот е 27 години, а неговата фирма во која имало 19 вработени работела со секој оној што сакал квалитет, па и со државни институции.

„Приходите на ДВД 5 главно се од комерцијални настани, неврзани со државата. На годишно ниво само 24% од приходите на нашата фирма се од буџетот на Македонија, а остатокот е од комерцијални настани. Учествуваме на сите тендери кои по ставка бараат услуга за озвучувања и осветлување на настани. Опремата со која учествуваме не тендерите е од најголеми светски компании во овој бизнис. ДВД5 не учествува на настани само во Македонија туку и на европско и светско ниво, како Егзит во Нови Сад, концертот на Марун фајв во Букурешт и уште многу други“ – вели Кочишки.

ДВД 5 реагира откако Алфа вчера објави дека според податоците на Бирото за јавни набавки, оваа скопска фирма која веќе 18 години изнајмува опрема има добиено 40 тендери од државата. Вредноста на тендерите откако постои фирмата е 88,6 милиони денари, а за минатата година 13,8 милиони денари, посочува Кочишки, наспроти тврдењата на наште извори дека тендерите тежеле неколку милиони евра.

Универзална сала е една од институциите која склучила договори со ДВД 5. Оттаму објаснуваат дека сумите кои се објавени на тендерите се рамковни, односно дека не секогаш се трошеле во целост. Последниот договор на Универзална сала, склучен во септември 2019 година е во вредност од 3,2 милиони денари. Со тие пари биле организирани три настани на Град Скопје во организација на Универзална, како Фестивал на светлината, Бели Ноќи и Фестивал на акустична музика. Сопственикот на ДВД 5 вели дека неговата компанија не се фаворизирала. Многу често била единствен учесник на тендерите бидејќи само таа ја поседувала потребната опрема.

 

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста