Завршни зборови на одбрана во случајот „Монструм“

Засилено полициско присуство пред Кривичениот суд во Скопје, од утрината пред почетокот на рочиштето за случајот “Монструм”каде одбраната на обвинетите и адвокатите на семејствата на жртвите ги дадоа своите завршни зборови.

Три години се слушаа „бомби“, се одржуваа рочишта, но некои факти не се утврдија, рече адвокатката Дафина Ивановска, правен застапник на семејство Тричковски. Сите вербални и материјални докази што се изведоа, недвосмислено ја докажаа суштината на кривичните дела, истакна Ивановска и додаде оти се придружува на кривичниот прогон и завршните зборови на обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.  

  • „Кире Тричковски излегол со своите другари и кобниот ден не се вратил дома. Како млад човек имал многу планови за својот живот. Неговите најблиски останале со спомените за него. Душевната болка е голема како распарано небо, а од денот на смртта на синот, нивниот живот комплетно се превртел. Медицинските средства и одењето на гробиштата никогаш не ја намалија болката која им го срушила нивниот живот. Семејството Тричковски бара и чека одговор за тоа што се случило на 12 април, 2012 година на Смилковското езеро. Судии, имате обврска и кон ова семејство, но и целата јавност да ја откриете вистината”-рече Дафинка Ивановска.

Таа додаде дека процесот бил долготраен, макотрпен, одземал многу време и продуцирал многу рочишта, а не заборави ниту на притисокот за повторување на целата постапка. Кон кривичниот прогон и завршните зборови се приклучи и адвокатот на другите четири семејства на жртвите. Одбраната во завршните зборови остана на тврдењето што го застапуваше во текот на целиот судски процес дека обвинетите не се вистинските сторители и оти станува збор за конструиран случај.

  • „Овој случај се водеше по стариот ЗКП и сметаме дека многу наши докази и предлози беа одбивани, а обвинителите беа многу попривилегирани. Да се водеше овој случај по новиот ЗКП ќе имавме право и ние да предлагаме и даваме вештачења и докази. Ова го наведувам од причина што како бранители сме длабоко убедени дека се работи за исконструиран случај“ -рече Насер Рауфи- адвокат на одбраната.

На претходното рочиште своите завршни зборови ги дадоа обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Фетаи побара обвинетите да бидат осудени и нагласи дека не треба да биде дадена пониска пресуда од доживотна, освен за Љута за кој немало докази.

Случајот “Монструм” се ближи кон својот крај. Петкратното убиство кај Смилковско Езеро на се случи на 12 април 2012 година, а на самото место беа убиени четири момчиња  на возраст од 18 до 21 година и 45-годишниот рибар. Обдукцијата покажа дека во нив е пукано од три типа огнено оружје.

За убиствата беа обвинети шест лица: Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири веднаш избегаа на Косово и досега не се екстрадирани. По првото судење, петмина од групата добија доживотна казна затвор, но Врховниот суд ја укина пресудата во 2017 година. Случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток, но и по повторената постапка, при која беа земени предвид и т.н. „бомби“, со кои Заев ветуваше нова вистина за Монструм, јавноста не ја виде.  

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста