Затворени училишта, празни маркети, укинат бесплатниот превоз – каква е сликата по објавувањето на превентивните мерки

Новите владини мерки во борба против ширење на корона вирусот, ставија клуч на врата на голем број јавни објекти. Од утрово затворени се библиотеките, читалните, училиштата. Настава ќе нема во следните 14 дена.

И скопската зоолошка градина од денеска ќе биде затворена за посетители. Од раководството информираат дека согласно насоките од надлежните, вратите на Зоолошката се затвораат со цел да се превенира ширење на заразата.
Затворени ќе останат и театрите, а проекции нема да има ниту во кино салите.

Одлука за измена на возниот ред донесе и ЈСП. Од утре ќе се редуцираат сите редовни линии, кои наместо по зимски ќе сообраќаат според летен распоред. Бесплатниот автобуски превоз за учениците, студентите, и за пензионерите нема да важи додека траат мерките на Владата, информираат од Град Скопје.

Во меѓувреме масовно се празнат маркетите. Купувачи со полни кеси е честа глетка низ главниот град. Иако се почесто се зборува оти цените на производите растат, граѓаните велат засега немало драстични промени. Сепак, велат да не се крева паника, храна има, а захили непотребно се прават.

Состојбата со корона вирусот ги збогати аптеките. Кај повеќето снабдувачи со лекови заштитни маски одамна нема. Онаму пак каде што останале резерви, се продаваат за цени и до седумкратно повисоки. Денес хируршка маска за еднократна употреба наместо 4 денари како што беше пред еден месец, се продава за 30 денари. Зголемени се цените и на средствата за дезинфекција. Мало шишенце од 50 мл чини најмалку 50 денари.

Надлежните во министерството за здравство повеќе пати апелираа дека за оние аптеки кои нерационално ќе ги покачат цените на производите за заштита од корона вирусот, ќе бидат најстрого санкционирани. За сега, никој не бил казнет.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста