Застарените канали за наводнување, изградени уште во минатиот век, им создаваат огромни проблеми на тиквешките земјоделци

          Како да им нема крај на маките на македонските земјодолци. Освен што не им се доисплатени субвенциите, а  исплатата на помошта од Петтиот ковид-пакет не е ни започната, добар дел од македонските земјоделци мака мачат и со старите и дотраени канали за наводнување. Ова, особено во Тиквешијата. Тиквешките лозаро-овоштари се жалат дека веќе десетина години наназад, во најголемите жештини, нивните земјоделски површини со денови се оставаат без вода. Причина – бројните дефекти на истрошената каналска мрежа која била изградена пред повеќе од шест децении. Стравуваат дека многу блиску бил денот кога лозовите и овошните насади ќе ги испржи сушата.

 „Каналот што наводнува 5.000 хектари од Дреново до пред Велес, тоа се две општини, Росоман и Градско, секоја година, по еднаш до двапати, по осум до десет дена не оставаат без вода, тука таа цевката е 64 години. И некни не оставија без вода и еве сега не можеме да навадиме сите наеднаш. Пуштија вода и вода нема и не може да се навади со недели, а јака суша е…Се грижи „Тиквшко поле“, ама тие изгледа ништо не реагираат…Самиот инкасант вели дека една година, било кога, ова поле, вика ќе побели целосно, бидејќи ако рикне онаа цела цевка, тоа е негде околу 200-300 метра, ако се сруши, тука му треба три месеци за да се стави нова, а за три месеци полето има да стане бело ко за жетва да биде…“, – вели загрижен земјоделец од Росоман.

  И директорот на ВП „Тиквешко поле“, Ангел Димитров, признава дека проблемот постои и дека истиот се должи на дотраеноста и староста на мрежата. Дефектите биле се’ почести и се’ поголеми, но претпријатието било во лоша финасиска состојба, особено во последниве две години, за освен санациски, да направи и поголеми реконструктивни зафати, ни изјави за Алфа, директорот Димитров.

  Слични проблеми со тиквешките земјодлеци, имаат и пелагониските.

  „На потегот од Тополчани, па се до Бучин, поимите одводни и доводни канали се заменети со депонии за ѓубриште и прашуми. Значи, тоа е сето обраснато во коров, во трева, ѓубриња нафрлени внатре…не станува збор ниту дека може да се одводнува со тие канали, ниту пак може да се наводнува со овие што беа за наводнување. Буквално, сето тоа не функционира, едноставно како никогаш да не постоело…“, – посочува Васко Јосифовски, земјоделец од битолско.

   Од АД „Водостопанство на Р. Македонија“ пак, уверуваат дека каналите кои биле во нивна надлежност редовно се одржувале и чистеле и доколку некаде имало проблем, тие веднаш постапувале по барањата на земјоделците.

  Каролина Дурло     

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста