Засилува црната кампања-како Бугарија од братска држава, стана мета на Заев за пресметка за Скопје

Братска Бугарија на која алудираше постојано премиерот Зоран Заев стана главна алатка за црната кампања која ја води владејачката СДСМ во страв да не ја изгуби клучната градоначалничка позиција Во Скопје. Со постери кои  партијата ги шири низ социјалните мрежи со натпис „Не ни треба бугарски кмет“ ја заострува црната кампања против независната кандидатка Данела Арсовска. Од СДСМ и денеска со нови обвинувања – откако објавија наводни документи за нејзино бугарско државјанство и лична карта, денеска изнесоа информации за бугарска лична карта и на нејзиниот сопруг. Арсовска ги демантира сите обвинувања и најавува дека сите изнесени невистини ќе ги докаже преку судски пат.

-Ниската црна кампања на Заев и Шилегов го допре дното инволвирајќи го моето најтесно семејство. Толку им гори под нозе што моите политичките ривали се користат со нови лаги и измами против моето семејство. Срамно е што моето семејство станува мета на црната кампања. Нападот на моето е напад на секое друго семејство кое треба да биде и да остане светост за секој човек со морал и вредности. Тоа од друга страна ја покажува немоќта и очајот во кој се наоѓа градоначалникот на Скопје Шилегов кој ја загуби поддршката од Скопјани, вели Арсовска.

Личните навреди кон Арсовска и притисоците од премиерот Заев да се повлече од трката за градоначалник на Скопје, ги засилува и нејзиниот против кандидат Петре Шилегов. На прес конференција тврди дека Арсовска лажела за своите изјави.

-Арсовска лаже. Го крие своето минато. Каква иднина можевме да очекуваме со човек што го крие своето минато. Очигледно не е само ова единствената лага на госпоѓата Арсовска. Лаги се очигледно и големите ветувања што ги има. Не го знам бугарскиот правопис, велат дека Данела на бугарски се викала Даниела. Повторно велам, проблемот е криењето, вели Шилегов.

На три дена до крајот на изборната кампања реториката на кандидатите но и партиите се зострува, а на последните митинзи и средби со граѓаните се интензивира кампањата во која се пласираат навреди кон противкандидатите и се ветува се за да се привлечат гласачите.

Ивана Соколовиќ Најдова

Advertisements