243 бегалци и мигранти на Лезбос заразени со коронавирусот

Од направени 7.064 брзи тестови на бегалците и мигрантите при нивното сместување во новиот, привремен камп Кара Тепе на Лезбос, во периодот од 12 до 20 септември, потврдени се 243 позитивни случаи на Ковид-19, а биле тестирани и 40 вработени во невладини организации и 120 полицајци, чии резултати се негативни, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Националната организација за јавно здравје на Грција соопштија дека од позитивните бегалци и мигранти, 52,7 отсто се мажи, а нивната просечна возраст е 24 години.

Паралелно, според грчките медиуми, потврдени се и најмалку осум случаи на Ковид-19 на Света Гора, а конкретниот манастир веднаш бил ставен во карантин.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, Пецас, на денешниот редовен брифинг со новинарите, говорејќи за пандемијата, рече дека Грција и понатаму има подобра епидемиолошка слика во споредба со други земји, но сепак, во изминатиот период има зголемен број нови случаи, но истакна дека ситуацијата е загрижувачка во поширокиот регион на Атина.

-Периферијата Атика, а уште повеќе центарот на Атина се на еден чекор пред да се вклучи црвениот аларм. И овој чекор, мораме да го спречиме. Донесовме и ќе донесеме мерки, доколку биде потребно, за да се заштити јавното здравје, бидејќи едноставно, човечкиот живот не се става на вага, рече Пецас.

Во однос на сценариото за локален карантин, објасни дека Владата досега, онаму каде што било потребно вовела, а Атика не може да биде исклучок од праксата на владата, доколку такво нешто е неопходно.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста