Заради ненавремената и несоодветна интервенција со авионот против град, невремето направи пустош во с. Канатларци

  • „Ако градобијниот авион беше пуштен навреме и на точната локација, тогаш сигурно и штетите врз родот ќе ми беа помали, бидејќи многу пред невремето се гледаше каков е опасниот облак и каде ќе прави беља…“, – раскажува револтираниот Амза Тешеканоски, од прилепско Канатларци, кому вчерашното невреме му предизвикало сериозни штети врз тутунот, бостанот и пченката.
  • „Јас најмногу го критикувам предавателот од Тополчани. Кога стаса авионот, облакот значи излезе од Тополчани, предавателот можел да се јави одма на авионот, бидејќи невремето беше опасно. Од облаците до земјата беше таква секавица, каква што јас немам видено во моиве 52 години. Се виде дека е 100% град…зошто предавателот предвреме не го свика авионот ?! Не беше навреме авионот..Тоа врне град, а тие го пуштаат авионот да се „дави“ со облакот“, вели земјоделецот Амза Тешеканоски, кому тутунот му е оштетен над 70%.

Штети од вчершното невреме претрпел и Куч Бајрам. Кај него најмногу настрадале пиперките. Вели дека на површина од 8 декари, родот му е уништен над 80 проценти.

  • Ова се првите берби. Од ова нема ништо да остане. Овие што се вака, ќе скапат. Ако остане на крајот нешто, тоа ќе биде за 2 денари, 3 денари по килограм. Немаме ни сметка да го бериме тоа“, посочува Куч Бајрам.

По вчерашното невреме, со слична мака се соочил и Беџет Исламоски. Тој се пожали дека најквалитетните „раце“ од родот на тутунот, му се оштетени. Стравува дека при откупот ќе биде уценуван од откупувачите.

  • „Вчера ме фати градот. Околу 50 декари тутун, најквалитетните раце, „третата“ и „четвртата“ ми се „удрени“ од градот. При откупите, ќе ме уценат, ќе ми речат дека е „удрен“ од градот и наместо да оди „двојка“, ќе оди “тројка“- вели Исламоски.

Инаку, заради недовербата во осигурителните компании, на поголемиот број земјоделци од овој крај, родот не им е осигуран.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста