Заради инает и суети, пропадна инвестиција од 3,5 милиони евра

                Сопственикот на приватната болница “Плодност“ во Битола, се откажува од доградбата на  најсовремен болнички капацитет, инвестиција “тешка“ 3, 5 милиони евра сопствени средства и банкарски кредит. Единствената причина поради која се откажа се бирократските лавиринти на локалната власт, во кои не само што не доби дозвола за градба, туку и му се закануваат со кривична пријава.  Во оваа сага со многу инает и суети од страна на општинарите, кој доби и кој изгуби, запраша на денешниот прес сопственикот на “Плодност“.

– Сите сме криви и сите изгубивме. Најповеќе изгубија пациентите кои ќе добиеја услуга во најсовремени услови. Изгубив многу јас во секој поглед, материјално, емотивно и психички. Изгубија стотина лица, оние што потенцијално можеа да бидат вработени во новиот објект. Меѓутоа, и општината со овој проект изгуби 120. 000 евра- рече д-р Таше Трпчевски.

Постапката за добивање градежна дозвола започна во септември мината година и по извршената пресметка од општинарите, инвеститорот ги плати комуналиите. Меѓутоа, во предвидениот рок не ја добива дозволата за градба, а службите и градоначалничката согледуваат дека во пресметките за комуналии, направиле утка за 112. 000 евра. Настанува молк кај локалната власт, а  инвеститорот нема информација, оти те биле болни, те отсутни. Под притисок на градежната фирма, започнува со подготвителни активности, с`е до средината на јануари кога општинарите ја поништуваат пресметката што сами ја потпишаа, вклучително и градоначалничката. По рекцијата од “Плодност“, го упатуваат на второстепена жалба, која потоа ја повлекува и спремен е да го плати новиот износ, заради банкарските камати и роковите со градежната фирма. Меѓутоа, од општината пуштаат инспекција на терен и констатираат бесправна градба и донесуваат решение за одбивање на градбата.

Сега, од двете страни се закануваат со кривични пријави.

  • Доколку овој спор добие поинаков тек, ќе поднесам кривична пријава по неколку основи- рече д-р Трпчевски.

Сега, наместо да никне најсовремена болница со одделенија за гастро и колоноскопија, инвазивна кардиологија и модерна лабораторија за инвитрофертилизација, единствена на Балканот, на грдаежната парцела ќе има само паркинг простор, чекајќи некое подобро време, како и многу други инвеститори во градот, како што беше речено.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста