Законот за заемот од Унгарија на пленарна седница најверојатно во вторник – денеска помина на Комисија

Законот за заемот од Унгарија на пленарна седница најверојатно во вторник – денеска помина на Комисија

Законот за заемот од Унгарија ќе се најде на пленарна седница следната недела, најверојатно во вторник. Пропаднаа обидите за блокади од социјалдемократите. Собраниската Комисија за финансирање и буџет го даде на натамошна постапка Предлог-законот за заем од половина милијарда евра, кој се носи по скратена постапка. Со седницата претседаваше Бојан Стојановски откако во дадениот рок во Деловникот, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска не ја закажа седницата. Пратениците на СДСМ воопшто не се појавија на седницата, иако беа мошне гласни дека за овој закон е потребна исцрпна дебата.

Според пратеникот Бојан Стојаноски, СДСМ покажале недржавничко однесување обидувајќи се да спречат закон со кој се обезбедуваат поволни средства за изградба на нови градинки, училишта, игралишта, улици и други бројни инфраструктурни проекти.

СДСМ нема никаков кредибилитет да зборува за задолжување затоа што тоа е партијата која јавниот долг го зголеми на двете милијарди евра и над 60 проценти од БДП. Ваквата аларматна состојба со јавниот долг придонесе за каматната стапка на последната еврообврзница што ја зема двоецот СДСМ – ДУИ во 2023 година да достигне високи 6,25 проценти односно речиси сто проценти повеќе од заемот кој денеска сакаа да го спречат, рече Стојаноски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ја обвини опозицијата дека сака да ја блокира работата на Собранието.

Заменик- министерот за финансии Николче Јанкуловски кој го презентираше предлог-законот уште еднаш повтори дека станува збор за заем од 500 милиони евра, што ќе се повлече во една транша. рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс-период од 3 години. каматата е фиксна 3,25 проценти, а провизијата за правни услуги е 70.000 евра. 

Пратениците од СДСМ не се појавија на седницата но реагираа преку сопштение дека власта сакала набрзина да го истурка, како што велат, скандалозниот и коруптивен Закон договорен во четири очи уште во време кога ВМРО-ДПМНЕ била во опозиција.

Половина од парите од задолжувањето кај Унгарската експорт-импорт банка ќе завршат директно кај стопанството, а другата половина кај општините кои со нив треба да спроведат капитални и инфраструктурни проекти.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста