Законот за СЈО тапка во место – нема поместувања во преговорите

Статусот на СЈО и натаму останува камен на сопнување меѓу власта и опозицијата во преговорите за Законот за јавното обвинителство. Неизвесно е дали е возможен било каков договор со оглед на цврстите ставови од кои не отстапуваат двете страни. Извори за Алфа брифираат дека нова средба на преговарачките тимови е можна дури по изборите, а преговорите за СЈО се фрлени во втор план. Според нашите информации независната група од осумте пратеници, била согласна да прифати дел од барањата на опозицијата, што дополнително создава главоболки за владејачкото мнозинство, бидејќи за законот да го помине собранискиот филтер е потребно двотретинско мнозинство, а без осумте – го немаат.

Гласноговорниците на власта и опозицијата и вчера порачаа дека неопходно е донесување на законот. ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа решение мора да биде правно издржано и прифатливо по сите домашни, но и меѓународни стандард, а не да биде монархистички закон каков што предлага власта. СДСМ пак вината ја префрла на опозицијата – излегувале од правните критериуми.

Викендов што измина преговарачкиот тим на опозицијата кој го предводи адвокатот Менкиновски достави нови забелешки за законското решение, но и овој пат од ресорното министерство се на ставот дека истите не се во согласност со европските вредности.

Од друга страна пак власта е ставена во тесно, бидејќи токму Законот за јавното обвинителство како дел од реформскиот пакет е клучен за добивање на позитивен сигнал од ЕУ и отворање на преговорите со ЕУ во јуни.

Ивана Соколовиќ Најдова