Законот за државјанство ги раскара ДУИ и СДСМ

Предложените измени на законот за државјанство на стенд бај, треба да се најдат во комисијата за политички систем, но не се знае кога. Засега во Собранието помина само потребата од измени на истиот. Партиите од албанскиот блок здружени, законот предложен од Алијанса на Албанците и Алтернатива, добива поддршка и од ДУИ, но  македонските партии, едногласно се против.

За почетокот на неделава беше најавено и дека од МВР ќе изготват мислење за законот и ќе го испратат до законодавниот дом , но до сега го немаат испратено.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат  дека ќе поднесат амандмани за законот, бидејќи измените ќе довеле до менување на редот и поредокот на државата. Според најголемата опозициска партија промената на законот не смее да биде избрзана, иако се на став дека постојат лица кои треба да добијат македонско државјанство, но преку јасна процедура.

И СДСМ ќе поднесат амандмани. Сметаат дека требало да се обезбеди широк консензус од сите пратенички групи.

Спикерот на собранието Џафери во својство на член на ДУИ, рече дека очекувал неговата партија да го поддржи предлогот на партијата на Села.

Павле Трајанов пак предупредува дека седумдесет илјади лица би можеле да се стекнат со македонско државјанство во случај да се усвојат предлозите на партијата на Села.

Измените на законот за државјанство предвидуваат државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од тројца сведоци или пак еден сведок кој живеел во истото населено место од каде е и барателот и да зборува еден од службените јазици во Македонија.

Во меѓувреме во собраниска процедура е и Законот за попис.

Од Левица предупредуваат дека со предлог законот за попис се подготвува терен за фалсификат. Велат и тие кои се тука, и тие кои не се, и тие со државјанство и тие без ќе бидат попишани. Реагираат дека  директорот на Државниот завод за статистика има врзан потпис со заменикот од ДУИ.

„Ни спремаат попис каде немаме дефинирано „вкупно население и вкупно „ПОПИШАНО население! Без ниедна јасна дефиниција за тоа кои „единици ќе се попишуваат само се наброени. Не е јасно наведено кои „ПОДАТОЦИ ќе се прибираат. Прашалникот го нема .Зборот „ДИЈАСПОРА го нема. Нема скоро никаков критериум, ќе се попишува се“, напиша пратеникот Крмов на фб.

И од ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати порачаа дека законот не смее да отстапува од европските стандарди.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста