Закани по живот и вулгарни навреди од Јакимовски кон новинарките Коровешовска и Јордановска

Закани, уцени, и навреди кон новинари од Емил Јакимовски. Новинарки јавно проговорија дека од Јакимовски континуирано добиваат закани, ама и пораки зачинети со невистини, пцости и вулгарности. Последна во низата реакции е на главната и одговорна уредничка на Алфа ТВ, Искра Коровешовска, која бара соодветна реакција на институциите.

-Лицето Емил Јакимовски удри врз мојата чест како новинар, како човек и како жена, навредувајќи ме на најодвратен начин и што е уште пострашно сето тоа го проследи со најприземни закани во стилот „ќе видиш ти што ќе ти се случи кога ќе ме сретнеш надвор“! Не се плашам ниту од него, ниту од неговите мизерни закани, но сметам дека јавноста мора да знае какви морално деградирани луѓе се шеткаат меѓу нас и се обидуваат да ги задоволат своите изопчаени потреби и мали ега преку бесмислени обиди за понижување на девојки и жени. Очекувам соодветна реакција од МВР, објави Коровешовска.

И новинарката Мери Јордановска, претходно, преку социјалните мрежи сподели смс пораки и закани кон неа, упатени од Јакимовски.

-„Гуска“, „да те искреираат на некролог“ … Мал сегмент од монологот на „ничим прозваниот“ Емил Јакимовски, кој од 5 до 6 часот изутрина ми се закануваше без престан, не знаејќи ниту каде работам и цитирајќи текстови кои не сум ги напишала….За ова е веќе пријавен во МВР преку Хелсиншкиот комитет, особено затоа што за него веќе има пресуда за семејно насилство, а овие принт скринови ги објавувам со чиста совест, за партијата да го преиспита психичкото здравје на оние кои ги вработувала и на оние кои го креираат јавното мислење, пишува Јордановска.

Новинар не застапува политичка партија. Новинарството не препознава вера, нација, или политичка припадност. Атак кон новинар, особено кон било припадничка кон понежниот пол треба секој да го осуди. А и не треба да мине без санкции.

Осуда за заканите и навредите пристигна од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од каде апелира надлежните да постапат по случајот. А и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници со осуда. Од ССНМ порачаа оти  несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинари.

-Јакимовски објави и недолична содржина за Коровешовска со цел да ја дискредитира, користејќи недолични и крајно навредливи зборови. Со оглед на тоа што во период од неколку дена, повеќе новинари се огласија дека добиваат закани од истото лице, ССНМ бара од МВР и ОЈО итно да преземат мерки за ваквите напади и закани врз новинарите, бидејќи во спротивно несанкционирањето на заканите ќе значи и охрабрување за сите кои сметаат дека на таков начин можат да се справуваат со новинарите, соопштија од ССНМ.

А освен новинари, мета на Јакимовски изгледа е и неговата претпоставена, директорката на централниот регистар, објави дека се сомнева оти токму Јакимовски е хакерот на фејсбук страницата на државната институција, на која осамнаа статуси оти местела тендери.

-Страницата е искреирана уште пред 10 години од лицето Емил Јакимовски во времето кога тој бил раководител на Одделението за маркетинг и односи со јавност. Централен регистар на Република Северна Македонија се сомнева дека ова лице стои зад постовите кои се појавија на фан страната на социјалната мрежа Фејсбук во изминатото деноноќие, сподели Бошковска Јанковски.

Од оваа институција велат дека кон Јакимовски има дисциплинска постапка поради закани кон други вработени.

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста