Захариева повторно се заканува: Нека разберат дека нема сила пред која ќе попуштиме, ЕУ не е Југославија

Ниту една земја членка на Европската унија, ниту пак САД, ни досега, ни во иднина не смее да врши притисок врз Бугарија, да дозволи пристапни преговори за Македонија со ЕУ. Преку интервју за БТВ, оваа порака ја испрати шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, по средбата со нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

-Не знам каква претстава имате во однос на Европската унија, тој не работи како Југославија, на друг начин работи. Си имавте некаква претстава дека некој можеби ќе ја притисне Бугарија. Но, многу пати ви кажавме тоа нема да се случи, ви го кажуваме тоа до 2019-та година, изјави Захариева.

Македонија продолжува да биде една од главните точки во бугарското предизборие. Првиот човек на Бугарија Румен Радев ја повика Владата на Герб да ги брани интересите на Бугарите во Македонија. Захариева пак одговори дека шефот на државата можеби не знае, но бугарските власти секогаш реагирале со одбрана на Бугарите во земјава.

-Ние реагираме секогаш, ние не работиме со прес соопштенија. Министерството за надворешни работи си врши работа, работи на друг начин, а едно прес соопштение нема да им помогне на Бугарите таму. Ние реагираме на секој случај, дури и да не е јавен, за кој што имаме сигнал, ние веднаш праќаме демарш, изјави Захариева.

Инаку, Гоце Делчев, македонските учебници за седмо одделение се тема на најновите состаноци на мешовитата историска комисија на Македонија и Бугарија. Состаноците денеска и утре се остваруваат преку он лајн платформа, а официјално домаќин е Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста