Захариева: Ако Македонија ги признае бугарските корени, нема да има вето

„Ако Македонија ги признае бугарските корени нема да има вето“ – ваква порака до македонските власти упати бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева во интервју за „Ројтерс“. Таа вели дека Софија го губи трпението поради одбивањето на Македонија да го имплементира договорот за пријателство кој двете земји го потпишаа во 2017 година. Клучниот проблем за Бугарија е како да ги запре барањата за признавање на македонско малцинство во земјата. Според Захариева, тој проблем ќе се решел доколку Скопје признае дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

„Нашите грижи потекнуваат од бескрајните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе му стави крај на тоа. Не спориме со нивното право на самоопределување, ниту со правото да си го нарекуваат јазикот како сакаат. подготвени сме уште еднаш да ги потврдиме актуелните реалности, но тие мора да ја прифатат историска вистина“, вели Захариева.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ пак децидни – граѓаните мора да знаат што се разговара со официјална Софија. Апелираат да не се манипулира со граѓаните кои за деталите, наместо од дома, дознаваат од бугарските политичари.

„Воопшто не се искрени, Османи, Димитров и Заев кон граѓаните и не го кажуваат сите оние работи кои што се разговараат. Сметам дека треба да излезат и да кажат се она што е разговарано на тема Договор со нашиот сосед за граѓаните да не бидат манипулирани“, вели Димче Арсовски портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Шефот на дипломатијата Османи вчера не даде конкретен одговор дали се прифатливи позициите на Бугарија за признавање на македонскиот јазик и идентитет со бугарски корени. Тој само најави оти веќе се дискутирале различните толкувања на Договорот за добрососедство и оти оваа тема ќе ја отворел со неговата бугарска колешка Захариева.

Од друга страна, бриселски Политико објави дека Софија е подготвена да не ја блокира првата меѓувладина конференција. Условот за ова бил да се постигне компромис во кој Бугарија ќе го признае македонскиот идентитет и јазик како еден од официјалните јазици, а Македонија за возврат да признае дека тие имаат бугарски темели.

Претходно Софија до земјите членки на Европската Унија достави меморандум во кој го оспорува постоењето на македонскиот јазик и нација до 1945 година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста