Загубарот „Еурокомпозит“ е оставен и без физичко обезбедување

Загубарот „Еурокомпозит“ оставен и без физичко обезбедување, работниците во страв дека и имотот може да биде испокраден ?!

Освен што со месеци е без струја и празна, фабриката „Еурокомпозит“ остана и без стражарската служба која во последниов период обезбедувањето на објектот го вршеше буквално на свеќа.

Шеесетината вработени се уште се на принуден одмор и со месеци немаат земено ниту денар, а додека оние работници кои лани заминаа како технолошки вишок пак, ниту ја дозеле отпремнината, ниту пак државата им ги покрила придонесите, ветување кое им беше дадено уште лани во октомври, а за што беше донесен и соодветен Закон.

Чувствувајќи се крајно понижени, изманипулирани и излажани, по којзнае кој пат работниците денеска пак излегоа на протест, еден час блокирајќи го патот Прилеп – Градско. Бараат власта да си ги исполни, како што велат, безбројните лажни ветувања.

„Еурокомпозитовци“ повторно се закануваат со радикализација на протестите. Велат дека заедно со своите семејства ќе протестираат пред Владата. Инаку, вкупниот број на работници е околу 220, од кои 64 се уште се во активен работен однос.

Каролина Дурло