Загриженост за приватноста и безбедноста на Бајден откако се приклучи на „Тик–Ток“ во кинеска сопственост
Претседателската кампања на Џо Бајден на Тикток собра повеќе од 90.000 следбеници во првите два дена откако се приклучи во неделата на Супер Боул. Апликацијата за социјални медиуми во кинеска сопственост е редовен извор на вести за околу една третина од возрасните во САД под 30 години, според Пју Рисрч.
Потегот на кампањата на Бајден да ги пренесе нивните политички пораки до таа група гласачи не е изненадување за некои аналитичари.
- „Ако ги погледнете анкетите, има драматично намалување на поддршката на младите за Бајден во споредба со Трамп. Мислам дека ова е една од нивните посилни алатки за да стигнат до таа група“, рече Тим Грелинг, експерт за политичка комуникација во УКЛА.
Загриженоста за безбедноста и надзорот поврзан со Кина ја натера администрацијата на Бајден да ја забрани употребата на апликацијата Тикток на уредите во сопственост на владата минатата година.
Поранешниот шеф на американската сајбер команда наведе некои од тие грижи за време на сослушувањето во Конгресот минатиот март.
- „Тикток ме загрижува од повеќе причини. Едната е дека податоците што ги поседуваат, второ е алгоритмот и контролата и кој го има алгоритмот? Трето е широката платформа. Не е само фактот дека можете да влијаете на нешто, туку можете и да ја исклучите пораката“, рече генерал Пол М. Накасоне, поранешен началник на сајбер командата на САД.
Некои законодавци ја доведуваат во прашање одлуката на кампањата на Бајден да се приклучи на Тикток, вклучително и претседателот на Комитетот за разузнавање на Сенатот, демократскиот сенатор Марк Ворнер.
- „Мислам дека треба да најдеме начин да ја следиме Индија која го забрани Тикток. Малку сум загрижен за измешана порака“, вели демократскиот сенатор Марк Ворнер.
Републиканскиот сенатор Џош Хејли се огласи на „Х“, порано познат како Твитер, за да го критикува Бајден што се приклучил на, како што рече, „кинеската шпионска апликација“ и покрај тоа што ја забранил на владинитеуреди.
Ова го кажа советникот за комуникации во Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби за време на брифингот во Белата куќа.
- „Сè уште постои загриженост за националната безбедност во врска со употребата на Тикток на владините уреди. Нема промена во нашата политика“, рече Џон Кирби, советник за национална безбедност во Бела куќа.
Кампањата на Бајден наведува дека нивното присуство на Тикток е независно од прегледот на меѓуагенцискиот Комитет за странски инвестиции во САД, кој ја мери забраната на апликацијата на национално ниво.
Од своја страна, кинеското Министерство за надворешни работи вели дека нема доказ за валкана игра и ги осудува потезите за ограничување на апликацијата.
Извршниот директор на Тикток, Шоу Зи Чу негира дека тој или неговата компанија имаат какви било врски со Кинеската Комунистичка партија и постојано сведочи пред Конгресот дека неговата компанија ги подобрува безбедносните механизми на платформата.
- „Да се осигураме дека ги заштитуваме податоците на американските корисници од несакан странски пристап“, рече Шоу Зи Чу, извршен директор на Тикток.
Просечниот корисник на Тикток не е толку загрижен, вели професорот Тим Грелинг од УКЛА.
- „Имав еден студент и го кажа ова дословно: „Има преку милијарда корисници на Тикток. Зошто би се грижеле за моите податоци? Што имам што е изложено на ризик?“ Но, севкупно одговорот е дека има доста ризик“, додава Грелинг.
Кампањата на Бајден потврдува дека презема напредни безбедносни мерки на претпазливост околу уредите што ги користат за објавување содржина на Тикток и планираат да продолжат да ја прошируваат нивната онлајн мрежа на влијателни лица.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон