Заглавените во Еуростандард банка алармираат државата да им ги врати сите пари

Пропаднати пари за лекување на дете во странство, заробена 15-годишна заштеда на татко кој работи во мисиите во Ирак и Авганистан, суми за купување на стан или куќа, заштеда по продажба на личен имот, пари за црни денови на пензионери. Ова се само дел од потресните приказни на очајните штедачи од Еуростандард банка со депозити поголеми од 30 илјади евра кои според законот не подлежат на целосно обесштетување. Алармираат – не биле ниту богаташи, ниту бројки, туку обични луѓе кои загубиле се што вложиле.

Околу 780 штедачи со депозити кои надминуваат 30 илјади евра по човек бараат државата да им ги преземе побарувањата, односно да ги обесштети целосно, а потоа Владата да си наплати од стечајната маса. Барањето веќе го доставиле на средбата со премиерот Заев и вицепремиерот Битиќи. Очекуваат законските измени што ги бараат да бидат предложени и усвоени од пратениците во Собранието во најбрз можен рок.

Од здружението бараат надлежните институции да го испитаат случајот околу Еуростандард за можни злоупотреби или сторен криминал со давање кредити без покритие, како и можни малверзации во банката во текот на изминатите години. Инаку, во вторник почнува обесштетувањето на штедачите со депозити во Еуростандард до 30 илјади евра. Исплатата ќе се изврши преку 4 банки: комерцијална, Стопанска банка-Скопје, НЛБ и Халкбанк. Овие лица правото на обесштетување ќе можат да си го искористат во период од 3 години.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста