Загадениот воздух ја влошува состојбата на заболените од ХОББ

Загадениот воздух придонесува за вложување на состојбата на околу 100.000 луѓе кои имаат хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), предупредуваат лекарите. Минатата година, бројот на пациенти на Универзитетската клиника за пулмологија изнесувал 2800, а годинава само досега има 2700 ново дијагностицирани.

-Многу сериозни болести се провоцирани од аерозагадувањето. Имаме среќа што само неколку месеци имаме ваква неповолна клима која создава аерозагадување. Во одредени делови од светот, за среќа не кај нас, хроничното експонирање може да доведе и до посериозни заболувања, да влијае на кардиоваскуларниот систем, а доаѓа и до карцином на белите дробови, вели Д-р Дејан Докиќ, Директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во Европа според бројот на смртни случаи од ХОББ. Во светски рамки, околу три милиони луѓе годишно го губат својот живот од хронична опструктивна белодробна болест, а оваа бројка се зголемува, па се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно ќе бидат жртви на оваа болест, која е трета водечка причина за смрт во светот, веднаш по срцевиот и мозмочниот удар.

Сања Трајковска Ставров