Заев за „Стандард“: Го смени името на земјата, а потоа победив на изборите

Премиерот смета дека направил добра работа со тоа што го сменил името на државата, па дури и победил на изборите како резултат на добрата одлука што ја направил, овој став тој го потврдува во интервју за виенскиот весник Стандард.

„Го сменив името на земјата, а потоа победив на изборите. И тоа е затоа што граѓаните почнаа да веруваат во иднината. Кога го потпишав Договорот од Преспа со тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во 2018 година, 85% од граѓаните беа против. Ми се заканија, запалија пожар пред мојата куќа, имаше хаос во земјата и имаше протести и во Грција. Потоа победив на изборите. Тоа значи дека ако сериозно знаете дека правите нешто добро за земјата и граѓаните, тогаш треба да донесувате одлуки, иако населението не ги поддржува и не треба да се мисли на својата кариера “ – вели премиерот Заев.

Ваквата изјава за Заев за промени кои се драстични за македонската држава, доаѓа во особено чувствителен момент, односно во време кога Македонија се соочува со низа на блокада за влезот во ЕУ од страна на Бугарија, иако се потпиша договорот за добрососедство со Бугарија. Особено важен е тајмингот на изјавата за весникот, знаејќи дека утре и задутре во Скопје доаѓаат едни од челниците на европската дипломатија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Двајцата во својата агенда имаат разговори за спорот со Бугарија.

Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање – вели Ерик Мамер – портпаролот на Европската Комисија.

Се наметнува прашањето дали на овие средби, судејќи по изјавата за Стандард, можно е премиерот да даде повеќе од она кое е предвидено во договорот со Бугарија со цел да се придвижат преговорите кон Унијата и источниот сосед да го тргне ветото кон нас, задоволувајќи ги сите барања кои тие ги имаат, почнувајќи од промена на историјата до бришење на историски факти и превземање на македонските револуционери како бугарски.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста