Заев за Радев: Јас сторив многу повеќе за Бугарите во Македонија, отколку тој за Македонците во Бугарија
Со правдање колку се заложувал за бугарското малцинство во Македонија, премиерот Зоран Заев му одговори на бугарскиот претседател Румен Радев, кој кажа дека биле кршени правата на Бугарите во земјава. Првиот човек на Владата, потенцираше дека најмногу од сите други македонски политичари се заложувал за правата на Бугарите, за што даде и примери. Но и се пожали дека истиот однос кон нас го немало од другата страна.
-Зоран Заев се појавил на манифестации од бугарските здруженија многу повеќе во последните години, отколку македонски здруженија или албански или турски во државата, затоа што сум бил поканет сум бил. Подигнавме споменик од полковник Гарванлиев, со сите бугарски знамиња напред, да и македонското тука. Сме покажале респект насекаде зошто се работи за нашиот сосед, но и се работи за граѓани, со определба Бугари во нашата земја и ние немаме проблем со тоа, изјави Заев.
Сепак и покрај убавите зборови и фалењето на Заев колку се заложувал за Бугарите во Македонија, токму Бугарија е главна пречка за македонскиот напредок во евроинтеграциите. Иако датумот досега за премиерот многу пати беше добиен, сега Заев не знае дали истиот ќе го имаме до крајот на 2021 година.
-Тоа е работа на Европската унија, кога ќе одлучат да го продолжиме процесот нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде. (Дали можеме да очекуваме во 2021 година да започнеме преговори?). Нели рековме да не ја дигаме надежта повторно сега, како да ја дигаме надежта повторно. Јас се надевам дека час поскоро тоа што го заслуживме како никој друг на европскиот континент, ќе го добиеме, изјави Заев.
И покрај се, Радев повторно повтори дека имало кршење на правата на Бугарите во Македонија.
-Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест, порача Радев.
Инаку, Заев уште еднаш повтори дека Бугарите ќе влезеле во македонскиот устав, но тоа немало да се случи утре, бидејќи власта немала двотретинско мнозинство. Заев кажа дека тоа ќе се случело кога ќе го отвориме уставот за влез во Европската унија.
Матеја Петровски