Заев за приведениот дипломат: Не ги знаеме деталите, но секој кој го прекршил законот треба да одговара; ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од Османи и Димитров за „Ерменската афера“

Ќе има ли одговорност за дипломатскиот скандал кој со денови ја тресе Македонија? Власта и понатаму се оградува од било каква поврзаност со тројцата дипломати инволвирани во случајот со бегството на братот на ерменскиот претседател.  Премиерот Заев дециден: Миленковски не требало да се прогласи за виновен додека не се докаже тоа, а детали ќе соопштеле кога ќе го видат предметот кој се води во Ерменија.  Освен што ги одбрани  неговите колеги министри , премиерот тврди дека прв пат сега дознал што се случувало во Ерменија бидејќи не ни била земја од соседството.

– Но штом има прифатено меѓународна потерница тоа значи дека една држава веќе издала правен акт, а тоа е Ерменија и тоа е докажано во таа држава. Наше е прво да го видиме предметот и да ги видиме доказите. Тоа што го знам е од медиумите, немаме уште добиено предмет. Но секој треба да одговара ако го прекршил законот. Се работи за една земја која не ни е толку позната. Не е некоја од соседството, не ги знаеме деталите. Јас првпат се научив дека таму имало некоја власт којашто се сменила, па некој брат на тогашен премиер или претседател. Навистина ни е непознато и на нам политичарите. Кога ќе има детали ќе биде објавено – рече Заев.

Османи продолжи да се правда дека МНР немало никакви информации за аферата на дипломатите. Вториот мандат на Миленковски бил продолжен бидејќи ние сме го преземале претседателството со ОБСЕ, па одлучиле да го зголемат бројот на дипломати-тврди Османи.  Призна дека имало слабости во системот на министерството ама не од сега туку од претходната власт, па сега ќе го обелел образот на дипломатијата.

Миленковски ги исполнуваше  условите односно имаше национален сертификат,  еден мадат во ОБСЕ како и двегодишно искуство во МНР, објасни денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со Заменик-шеф, Миле Миленковски на македонската мисија во ОБСЕ во Виена кој беше  уапсен откако Интерпол распишал потерница по него, затоа што во 2018 година му помогнал на Левон Саркисјан, братот на ерменскиот претседател Серж Саркисјан, да пребега од Ереван во Виена-рече Османи.

Претходно и Спасовски и Димитров, во чиј мандат се случила ерменската афера, се оградија од одговорност, бидејќи во 2019 кога стигнале првите информации за инволвираноста на македонски дипломати во постапки, Ерменија немала распишано меѓународна потерница.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министрите Османи и Димитров да си поднесат оставка. За Антонијо Милошоски, ова е скандал без преседан, а Македонија е на потсмев на меѓународната јавност.

-До сега не се случило освен државата да изнајми авион за некакви потреби државни, немало дипломат, ниту амбасадор кој бил во можност да изнајми приватен авион, затоа сметам дека овие тројца дипломати се само извршители во овој скандал во оваа ерменска рекет афера, а веројатно некој друг е нарачател, претпоставувам дека нарачателот е актуелен во Македонија, и има силна влијателна позицијарече Милошовски.

Од Македонскиот дипломатски синдикат  ги осудија постапките и сметаат дека е потребно големо ресетирање за да се врати угледот на дипломатијата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста