Заев за одлуката на Маричиќ: Сите приватни ентитети кои се финансираат од државата да користат Северна

Забраната за користење на термините „Република Македонија„, само „Македонија„ или „Македонско„ не се однесувала само на државните институции, туку на секој приватен ентитет кој користи државни пари. Тие мора да се држат со кованицата Северна. Премиерот Заев на ваков начин гледа на одлуката на својот министер Бојан Маричиќ, кој со ваквата забрана предизвика бура реакции и гнев во јавноста. За премиерот одлуката била уставна, и во духот на Преспанскиот договор.

-Правните субјекти, здруженијата на граѓани, кои што не се финансирани од државата, може слободно да го користат терминот Македонија. Државата, официјалните институции и сите јавни институции, треба целосно да го користат договорот од Преспа и да го почитуваат уставот, а тоа е Република Северна Македонија. Сите приватни ентитети кои што се финансираат од државата и се претставуваат надвор од државата, го користат Северна Македонија, тоа е јасно определено, изјави Заев.

Со ваквото објаснување, значи дека било која невладина организација ако сака да аплицира за било какви државни пари мора да се откаже од Република Македонија, но ако се финансира приватно или од странство таа забаран не важи. Последниот случај ја отсликува целата конфузност и небулозите што ги содржи Преспанскиот договор. Токму и затоа поранешната министерка за правда, токму во неговата Влада Рената Дескоска реагираше. Според неа одлуката на Маричиќ да ги забрани термините Македонија и Република Македонија, е противуставна и не е обврска од Преспанскиот договор.

-Нема никаква забрана ниту во Уставот ниту во Преспанскиот договор, приватни лица, невладини организации, синдикати или приватни фирми  да го имаат во својот назив името „Македонија“, „Македонци“, „македонски“. Додека јас бев министер, беа одобрувани сите барања со употреба на овие термини. Од позвучните имиња  што во мое време добија дозвола за користење на името Македонија е фирмата „А1 Македонија“ која е ребрендиран „ВИП“, изјави Маричиќ.

На ваквиот потег на Маричиќ остро реагираше опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели наместо да ја забранат корупцијата, власта го забранува терминот Македонија. Најавува одговорност за сите противзаконски постапки на владините функционери.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста