Заев за намалувањето на работното време на администрацијата: идејата е на ДУИ

Купува ли власта политички поени во пресрет на изборите со одлуката администрацијата во петок да работи по скратено време. Јавноста врие, а премиерот се правда дека нацрт законот кој веќе е објавен во електронска форма допрва ќе подложи на анализа колку одлуката е оправдана. Заев контрадикторен во ставовите, државните службеници морале да работат повеќе , ама вели регуларно било да се провери што мисли јавноста.

На инсистирање на новинарите Заев потврди дека коалициониот партнер ДУИ притиска ваквата одлука да помине без проблеми. Иако негира дека решението е популистичко и така не се добиваат гласови од граѓаните, Заев потврди дека намалувањето на работното време е впишано во политичките програми, па должност било на Владата да ги претстави пред народот.

Од опозицијата предупредуваат дека премиерот свесно ја манипулира јавноста – велат нема институција каде власта не изврши полнење со партиски активисти и роднини на функционери.

Заев лаже кога вели дека ја намалил јавната администрација. Доволно е само да се погледнат буџетите во последните 4 години и ќе се воочи зголемување на ставката за плати и надоместоци за 75 милиони евра во 2021 наспроти 2017 година. Ако во 2017 година од буџетот се одвојуваа околу 425 милиони евра за плати и надоместоци, оваа година се одвојуваат 500 милиони евра. Тоа е покачување за скоро 20%. Овие факти се несоборлив доказ дека Заев не ја говори вистината и дека наместо намалување како што тврди ја зголемил администрацијата и тоа за околу 20%., стои во соопштението од партијата.

Откако вчера ресорниот министер за информатичко општество и администрација ја објави оваа идеја, најгласни се стопанствениците од приватниот сектор кои алармираат дека ваквиот чекор лошо ќе се одрази врз приватниот сектор. Бројни се реакциите и на правната фела, универзитетски професори велат дека ваквиот потег не е ништо друго туку додворување на 140 илјади административци во очи на локалните избори. Децидни се дека чекорот е нелогичен бидејќи економскиот сектор од кој практично се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата.

Според привилегиите кои им се нудат на административците тие со новиот закон наместо 40 часа, ќе работат 36 часа во неделата, или – по 8 часа, од понеделник до четврток, и само 4 часа – во петок..

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста