Заев vs Заев: премиерот се демантира – нема да ги сподели записниците од разговорите со пранкстерите

Премиерот уште еднаш се демантира себе си. Денеска рече оти немал намера да го споделува со јавноста записникот од разговорот со руските комичари во кој, како што рече, се гледала вистината дека додека зборувал со нив, не се согласил за мито за вселенскиот патријарх Вартоломеј за тој да издејствува признавање на МПЦ. Односно, дека пранкерите емитувале сечени и монтирани разговори. Денеска, вели немало зошто „белешки од приватен разговор да споделува со новинарите“.
-Се пишуваат записници за да ме потсетат за следниот пат кога ќе треба да разговарам јас или службите, да знаат да имаат еден „фолоу ап“ каде да продолжат. Тоа се материјали што се мои прибелешки кои се ставени на хартија и затоа немам намера да ги споделувам со јавноста ниту пак ми е обврска тоа. Се што претставува официјален документ, јавно достапен материјал согласно законот за јавни информации секој пат сме го споделиле. Но кога водиме прибелешки за во мојот кабинет за да ми бидат потсетување за следното разговарање, апсолутно немам ниту обврска ниту треба да го споделувам така заради тоа што некој го бара, рече денеска Заев.
На прес конференцијата пред 20 дена кажа оти записниците може да ги видат медиумите за да ја разберат вистината.
-Првиот разговор е овде во канцеларија додека сум на работа, побарано е од мене да ме поврзат со „претседателот“ Порошенко, и јас му давам термин меѓу состаноците. И додека разговарам до мене седи советник, обично Дане Талески ако е за надворешна политика, ако е за европски прашања е Бојан Маричиќ, кои водат записник за да се остави архива во државата и за да им соопштиме на медиумите. Значи за се што зборуваме се води записник за да го архивираме, објасни премиерот на прес конференцијата после избивањето на скандалот, Заев на 9 јули 2019.
Зошто Заев не сака да сподели информација која дефинитивно е од интерес на јавноста, а за која првично тврдеше дека во секое време може да биде ставена на увид? Дали предомислувањето значи дека записници нема, или пак оти нивната содржина целосно се совпаѓа со разговорот што руските комичари го објавија, па свесно се скриваат?
Минатата недела премиерот презентираше предлог план за борба против дезинформациите и лажните вести. Во насока на ова од новинарите беше побарано да се вклучат во борба за елиминација на „фејк њуз“, но како кога информациите од Влада не ги добиваме, а објаснувањата во врска со тоа се контрадикторни.

Искра Коровешовска