Заев во потрага по двотретинско мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара европски Закон за јавно обвинителство
Заев почна да работи на двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство. Ако не успее да обезбеди 80 пратеници со ВМРО-ДПМНЕ, негов адут слично како и за уставните измени ќе бидат и осуммината независни пратеници. Лидерот на СДСМ смета дека сите партии треба да дадат придонес за закон според препораките на Брисел. Социјалдемократите се подготвени на компромис, но како што вели партискиот претседател нема да дозволат обвинителите да бидат бирани на предлог на политичките партии.
“Ќе бидам среќен ако тоа го направи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ни се придружи на патот за негово донесување, но верувам како општество како држава, како парламент треба да се обидеме да гласаме до 11 Февруари за законот. Ќе се обидам да разговарам прво со осумте пратеници за да обезбедам двотретинско мнозинство, но сакам да ги растоварам нив од одговорност. Тие ја чуствуваатт таа одговорност бидејќи гласаа за интеграциите во ЕУ и НАТО”, изјави Заев.
Опозицијата обвинува дека Заев сака да донесе закон по негова мерка. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изнесе забелешките преку работните групи. Велат дека ако не се донесе законот вината нема да биде нивна.
“Европски закон треба. Во Република Македонија треба да има реформи насекаде. И ние овој период ќе го поминеме во дебата и разговори со СДСМ, но не со интриги да се донесе некој закон за Зоран Заев повторно политички да уценува и да се прави ова што три години наназад гледаме дека се прави, а тоа се рекет, обвиненија политички монтирани случаи”, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Инаку утре претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе разговараат за предлогот од власта. Тие треба да го отворат патот за евентуална лидерска средба Заев-Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото не се согласува обвинителите од СЈО да работат под капата на Рускоска која ја сметаат за замена на Катица Јанева. Неофицијално тие се противат и на изборот на новиот обвинител на предлог на Владата откако Советот за јавни обвинители ќе даде позитивно мислење за неколкумина кандидати.
Градимир Марковски