НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заев во Брисел се заканува ама шансите за влез во ЕУ се помали, Бугарија не го повлекува ветото

Ако Унијата не ги започне преговорите со Македонија, ризикува да добие удар врз својата репутација на Балканот – премиерот Зоран Заев во интервју за магазинот „Политико“ отворено им се заканува на европските челници. Иако од Брисел се на чисто со интеграциите на земјава, односно, прво решавање на проблемите со Бугарија, па потоа преговори,  Заев во интервјуто ја заострува реториката и бара Европа да си ги одржи ветувањата.

„Многу прашања не беа онака како што очекуваа нашите граѓани и поради тоа се зголемува евроскептицизмот. Ако не се види дека ЕУ ги одржува своите ветувања во регионот, тоа исто така ќе им даде на Косово и Србија помалку стимул да ги решат своите разлики во разговорите… Доколку нема напредок, процесот на проширување ќе биде замрзнат најмалку уште година и половина, поради изборите во Бугарија, Германија и Франција. Толку многу жртви и после тоа ЕУ да не испорача. Тоа е проблем. Покажавме повеќе европски вредности и манири од ЕУ“, истакнува Заев.

Заев, во интервјуто  ја отфрли идејата што ја пласираше европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи за разделување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ и наведува дека многу земји од Унијата последните денови изјавија дека двете земји мора да одат заедно.

Во последен обид да ги презентира македонските аргументи за формален почеток на преговорите за членство, премиерот Заев е повторно во Брисел овојпат на средба со потпретседателот на Европската комисија, Џозеп Борел. Му порачал дека доаѓа во Брисел со пораки кои лидерите на институциите на ЕУ добро ги знаат, разбираат и одобруваат.

Ова е втора посета на македонскиот премиер на Брисел во рок од една недела. Минатата тој се сретна со претседателката на европската комисија и со шефот на дипломатијата на ЕУ. Денеска тој се сретнува и со шефот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Токму тој ќе ја има задачата да постигне  компромис помеѓу 27-те шефови на држави и влади на Европската Унија за македонското прашање.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста