Заев упорно крие за што преговара со Бугарите, но полека се топи и неговиот оптимизам околу ЕУ

На само еден ден пред истекот на бугарскиот ултиматум испорачан од Каракачанов, премиерот Заев и шефот на дипломатијата Османи кријат од јавноста за што точно се преговара со Бугарија во однос на јазикот и идентитетот. Не обелоденуваат ниту што конкретно бара источниот сосед да стои во анексот или документот што треба да го потпишеме за да даде зелено светло за почеток на преговорите. Но ако се суди по денешната изјава на Заев очигледно е дека Бугарија бара нешто што ни тој не може да испорача. Неговиот оптимизам денеска изчезна, со констатацијата дека иако се преговара до последен момент, голема е веројатноста декемвриската конфенреција да не се одржи и Бугарија да опстои на ветото.

„Јас сум истиот тој што на 11 октомври кажа дека е можно да не постигнеме договор со Бугарија за почеток на преговорите. Не велам дека ќе постигнеме, голема е веројатноста да не постигнеме договор“ – изјави премиерот Зоран Заев.

Како што е познато, Министерот за одбрана на Бугарија, Каракачанов, постави уцени со кои побара анекс на договор за решавање на проблемите како што се јазикот, идентитетот, историјата како и признавање дека голем број македонски историски херои се Бугари, меѓу кои и Гоце Делчев.

Бујар Османи пак, вели оти ја разбирал потребата на граѓаните да знаат во кој правец се движат преговорите, но и тој одлучи да молчи за ултиматумот.

Има загрижености, одредени различни очекувања, дека таму каде што можеме, можеме да дадеме дополнителни аргументи, дека тие загрижености се неосновани, дека нашата интенција е да развиеме пријателски односи, со Бугарија и со секоја земја членка, меѓутоа, ако можам да го формулирам така, ние најдостоинствено ќе ги претставуваме позициите на државата и очекувањата на граѓаните во тој однос – вели Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

За вицепремиерот е олеснителна околност што останатите 26 земји членки веќе имале усогласен став за почетокот на преговорите. Но останува отворено прашањето дали Македонија ќе ги прегази своите црвени линии кога се во прашање барањата на Бугарија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста