Заев уценет од ДУИ и БЕСА: Локалните избори може да ја урнат Владата

Локалните избори може да ја урнат Владата на Заев. Премиерот меѓу два коалициони огнови, ќе мора да бира меѓу ДУИ и БЕСА. Како што пишува Плусинфо, Ахмети на маса оваа недела ќе ја стави опцијата да ја растури коалицијата со СДСМ, ако не добијат поддршка од нив на локалните избори во Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Чаир уште во првиот изборен круг. Доколку Заев не го прифати овој услов, големи се шансите со локалните да има и предвремени парламентарни избори.

-Ако нема поддршка од СДСМ уште во првиот круг од локалните избори, тогаш нема Влада. Не може Касами кој има три пратеници, а ДУИ – 15, да уценува дали СДСМ и ДУИ за тие општини ќе имаат предизборна коалиција. Беса ја нема тежината на ДУИ и тоа е некоректно. Ахмети, а не Заев е тој што решава, вели функционер на ДУИ.

Доколку го прифати барањето на ДУИ, повторно е можно Владата да падне, бидејќи тогаш проблем ќе биде БЕСА, без чии четири пратеници, Заев го нема потребното парламентарно мнозинство. Нивното барање е СДСМ да не поддржи ниту една од албанските партии во првиот круг.

-Барањето на Касами е Заев да не зазема страна во првиот изборен круг. Непринципиелно е да се има преференции кон еден од владините партнери. Во спротивно, тешко ќе биде Беса да објасни на гласачите и на членството што правиме уште во Влада, вели функционер на БЕСА.

Заев пак во моментов вели кога е во прашање Тетово, најреална опција е да одат со свој кандидат, што ги задоволува барањата на БЕСА, но не го исполнува барањето на ДУИ.

-Дел од анкетите ни покажуваат дека сме една од првите три партии на локално ниво. Секако локалните избори се избори на личност. Ако навистина се мотивира вистински кандидат или кандидатка, вредно е да размислиме. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати, изјави Заев.

Кога се коалиционите комбинаторики во прашање пред локалните избори, преговори постојат и меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива за заеднички настап во одредени општини.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста