Заев тврди не ургирал кај Венецијанската комисија за Законот за јазици

Никогаш не сме побарале од Венецијанската комисија да го одложи објавувањето на мислењето за Законот за употреба на јазиците, вели премиерот Зоран Заев, прашан дали е точно дека било побарано одлагање на мислењето на Комисијата, бидејќи тоа би можело да влијае на изборниот резултат. Тој е дециден дека препораките на Комисијата ќе се почитуваат.

„Венецијанската комисија „на пластичен и на едноставно разбирлив начин“ ги дава своите аргументи и ги поздравила преземените чекори кои се дури и поголеми од европските вредности, но ни препорачува да внимаваме, бидејќи немаме „капацитетност“, што може да уништи многу други исто така важни, па дури и поважни права, како што е правото на правда“, вели Заев.

Пратеникот Антонио Милошоски на социјалните мрежи пак објави документи на кои се гледа дека премиерот кон крајот на минатиот месец преку допис барал од  Комисијата да ги преправи своите заклучоци по однос на неприменливоста на Законот во делот на судството.

„Заев ја лаже Венецијанската комисија дека Законот за јазици бил дел од европската регулатива, а ниту во предлог законот ниту во материјалите немаше наведено никаков извор на правото на ЕУ со кој треба да се усогласи македонското законодавство“, пишува Милошоски.

Контроверзниот Закон за употреба на јазиците, за кој Венецијанската комисија имаше низа сериозни забелешки околу неговата применливост, ги подели коалициските партнери. Додека од СДСМ ветуваа дека ќе се имплементираат препораките на Комисијата, од ДУИ им порачаа дека измени на Законот ќе нема, оти за тоа немало расположение кај албанските пратеници.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста