Заев тактизира со оставката на Филипче – дали македонското здравство зависи само од еден човек?!

„Тежината е голема кај сите, но не можете едноставно да разрешувате министри, Влада, Парламент па дури и цел народ заради оваа болка. Мора да водите грижа за причините и суштината на тоа што се случило. Второ, мора да знаете што после тоа, ќе учите некој уште шест месеци да навлезе и да менаџира со короната, со болницата во Тетово, со секој соодветно.“ – ова веројатно е аргументот на Заев зошто се одолговлекува со прифаќањето на оставката на Филипче

И додека јавноста е во очекување, премиерот да пресече дали ќе ја прифати оставката на министерот Филипче, Заев се правда дека ако го разреши, ќе трпи борбата со пандемијата. За експерите, молкот од претседателот на Владата е купување време, а понудата за оставка на Филипче е само пи-јар, сметаат дека доколку била искрена ќе беше неотповиклива. После ваквите изјави на Заев, се отвора дилемата – дали македонското здраство е доведено до ситуација да зависи само од еден човек и зарем Македонија нема кадар кој би го заменил првиот човек на здравството за да ја менаџира ковид кризата во време кога постојано сме меѓу првите земји во светот по смртност од корона вирус.

Да кажете дека нема кој да го замени министерот и да ја менаџира кризата, тоа е навреда прво за комисијата за здравство во сдсм, па за сите лекари, другите здравствени работници, и за целата фела лекари. Не е можно никој да не може да го замени колегата Венко Филипче – вели др. Беким Татеши, претседател на Комисија за здравство.

Др. Татеши дециден – опозицијата постојано предупредувала дека се губи контролата врз пандемијата, а наместо да се земат предвид препораките на експертите, оставено е само на Комисијата за заразни болести.

Се работи за по мене една кризна состојба, каде што треба да учествуваме сите, во Комисијата за заразни болести фалат многу професионалци, во нашата држава ги има, но не може да ги оставите на страна познатите професори, поранешни министри, тие имаат искуство од времето кога биле министри – додава др.Татеши.

И додека Заев тактизира со оставката, министерот за здравство денеска само истакна – секој бил заменлив и никој не е венчан за функцијата.

Адријана Алексиеска