Заев срамежливо најавува дека три илјади вакцини на „Спутник“ ќе стигнат во недела

Ни кинеските, ни фајзеровите ниту преку КОВАКС механизмот – туку првите вакцини кои ќе пристигнат во Македонија, можно е да бидат руските, и тоа за викендот – поточно во недела. Но според премиерот Заев и тоа не е сигурно.

„Секој ден очекуваме кога, и имам информација кога ќе стигнат вакцините. Но, како да кажам, што ако не стигнат. Во недела очекуваме 3 000 вакцини да стигнат преку ДХЛ. Министерството вчера потврди дека ќе стигнат конечно и вакцините на ‘Фајзер’ , а стигна информација дека ќе пристигнат и оние преку Ковакс механизмот, некаде кој крајот на првиот квартал. Сѐ уште се очекуваат и кинеските за кои плативме аванс, па го повлековме“, истакна денеска Заев.

Според претходните најави, нашата Владата бара да набави 100.000 дози „Спутник В“.

Досега единствените вакцини со кои располага Македонија се вакцините од „Фајзер“, кои ги добивме како донација од Србија и со нив се имунизираат здравствените работници. Земјава и покрај безбројните најави се уште ги чека вакцините од „Фајзер“, „Синофарм“, „АстраЗенека“  но и „Спутник“.

Премиерот денеска информираше дека има и нови понуди за набавка за вакцина на „АстраЗенека“, кои, како што рече имаат постабилни количини. Со што најави дека ќе има разговор со британски претставници од највисоко ниво за да се види дали може за седум до десет дена да стасаат и тие вакцини.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста