Заев: шансите за тргање на бугарската блокада ќе се зголемат по изборите во двете земји

По изборите во Македонија и Бугарија шансите за деблокада на интеграциите за земјава ќе се зголемеле за 50 %, вакви прогнози постави премиерот Зоран Заев на економскиот самит во Скопје. Решение имало, но останува само да се убеди официјална Софија дека Македонија ќе исполни се што е побарано. За протоколот со 6-те обврзувачки точки премиерот воопшто не говори, ама призна дека Бугарија официјално не не признава како народ ниту го признава македонскиот јазик.

– Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо, изјави Заев.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров со остра реторика , бара Бугарија конечно да покаже одговорност и лидерство. За доброто на сите Софија треба да ја преземе својата обврска изјави Димитров.

-Не е фер да се обвини ЕУ за ова, бидејќи таа е компромисна организација од 27 земји членки, недостига уште една. Соседна Софија треба да ја преземе својата обврска. Зборуваме за заедничка историја, но треба да сфатиме дека постои заеднички регион и заедничка иднина на овие држави овде. Време е да се покаже одговорност и лидерство. За доброто на сите Софија треба да ја преземе својата обврска, рече Димитров.

Од Софија веќе најавија и дека доколку по нова рунда преговори, двете страни постигнат компромис, двајцата министри за надворешни работи ќе стават потписи на документите со нови барања. Од македонската влада не откриваат дали се подготвува нов договор на кој неколкупати инсистираше Бугарија.

Од Самитот во Скопје и поранешните европски челници со силан порака за Западен Балкан. Поранешниот германски вицеканцелар, Јошка Фишер, порача дека потребен е свеж почеток на процесот на проширување. Дека Македонија направи најголеми жртви за интеграциите потврди и ексгрчкиот премиер Јоргос Папандреу, но сепак вели дека ЕУ не е подготвена да додели датум за преговори.

-Ние не можеме да градиме ѕидови околу ЕУ, за да ги игнориране проблемите во земјите коишто се случуваат во регионот, порача Папандреу.

Сепак директната порака од Брисел ја пренесе евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, порачува дека ЕУ е најголем партнер и инвеститор во регионот и во интерес на Унијата е да го испорача ветеното.

Ивана Соколовиќ Најдова