Заев се правда за корупцијата, виновни биле службениците, а не функционерите

Не биле виновни министрите и власта што Стејт Депарментот ја опишува Македонија како земја во која не може да се води бизнис заради големата корупција. Лошата слика на државата во очите на светот, според премиерот ја создавале обичните службениците и шалтерските работници. Иако оваа влада има посебен вицепремиер за борба со корупција, сепак Заев нема да побара одговорност од Николовски, оти недостатоците биле нотирани во третиот ешалон, а не меѓу првите луѓе.

– Апсолутно не. Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Значи, таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме потпретседател на Влада меѓудругото задолжен за борба против криминалот и корупцијата и девет, десет месеци се работи на таа тема со ваков фокус. Институциите што постојат и досега, како независните институции – ДКСК, Државен завод за ревизија, Јавното обвинителство, правосудството може да бидат само помогнати од овој ресор затоа што дефинитивно ние сме телото, односно јавниот сектор е телото каде што независните институции го прават мониторингот за борбата против криминалот и корупцијата, вели Заев.

Додека Заев се правда за уште еден лош извештај во кој Македонија е посочена како лош пример за бизнис,високо ниво на  корупција, нерегуларности во владеењето на правото, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека овој извештај од Стејт Депарментот го потврдува фактото дека во последните четири години владеење на СДСМ и ДУИ не може да забележи некој посериозен и позначаен исчекор во реформата на правосудниот систем и јавната администрација.

Продуктивна, ефикасна и високо конкуретна економија може да се создаде единствено преку деполитизација на правосудството и администрацијата и креирање на соодветни услови во прилог на барањата на бизнис заедницата, што за жал оваа владина коалиција во изминатите четири години не успеа да го направи. Дополнителен доказ во прилог на искажаните аргументи е и фактот дека во овој Собраниски состав кој наскоро ги заокружува активностите од првата година од својот мандат, Владата не понуди ниту еден суштински закон кој на преден план ја има реформата на правосудството и администрацијата, вели Муцунски.

Инаку во загрижувачкиот извештај  објавен од американскиот Стејт Департмент, покрај корупцијата , се потенцираат повеќе аномалии како злоупотреба на скратени постапки, конфликт на интереси при јавните набавки, селективно правосудство, поткупот и корупцијата на јавните функционери…

Корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија. Земјата има комплексна регулаторна средина, со чести регулаторни и законски измени, кои креираат непредвидлива средина за бизнис која води до корупција. Владата генерално го спроведува законот, но има бројни извештаи дека некои функционери и натаму се вклучени во коруптивни активности, стои во извештајот.

Инаку, во делот за корупцијата Стејт Департментот се повикува на Транспаренси Интернешнл и притоа нагласува дека оваа организација ја рангираше Македонија на 111 место од вкупно 180 земји во Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста