Заев се правда: И дел од Македонците им помагале на фашистите, не само Бугарите

И дел од Македонците биле помошници на фашистите, вака премиерот Зоран Заев ја оправда својата најава, дека од македонските учебници, ќе се брише Бугарски, пред поимот фашистички окупатор. Иако историските факти велат едно, премиерот е подготвен да ги менува, со цел задоволување на бугарската страна. Иако во светската историја јасно пишува дека Бугарија била помошник на фашистите, Заев сепак порачува дека ние како држава не сме можеле да им ставаме таква етикета.

-Така да не може да кажете дека цела една нација била фашистичка. Не можете ни за нас да кажете дека сме биле со партизаните, затоа што има еден дел кој што биле соработници на фашистичкиот окупатор, во делот на Втората светски војна. Во делокругот на добрите европски манири, наше е како ќе определиме, дали ќе внимаваме или не во делот на односот, изјави Заев.

Ваквиот став на Заев ја покажува нееднаквоста и нерамноправноста меѓу двете страни во овој според. Поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев порачува дека додека Македонија брише една историска вистина, Буарија не прави ништо за возврат. Па прашува дали од бугарска страна ќе ги избришат тврдењата дека Македонија е бугарска држава.

-Се крие да се опише или се избегнува да се опише историската вистина, а факт е дека тоа е дека Република Бугарија е сојузник со фашистичка Германија и со фашистичка Италија, за време на Втора светска војна, со тоа што македонските млади поколенија ќе бидат погрешно воспитувани, ќе учат историјата која не е одраз на она што било. Дали Република Бугарија, исто така ќе пристапи кон менување на вордингот на историскиот контекст и на пример ќе избрише од своите учебници една историска небулоза дека Македонија е бугарска земја, изјави Ѓорчев.

Она што во овој случај е проблем е што директно се удира и по Резолуцијата за преговорите со Бугарија, која во Собранието беше изгласана од сите политички партии заедно, каде пишува дека нема да се робува на анахроните историски стереотипи и илузии. Ѓорчев смета дека во преговорите, македонската власт мора да го почитува она што е изгласано едногласно во законодавниот дом.

-Според мене ние како држава мора да има цврст политички став базиран на Резолуцијата изгласана, едногласно усвоена од нашето македонско Собрание, во која точно се знае за што ние можеме да преговараме, а за што воопшто не треба да преговараме. Според мене клучно е во прашање да имаме меѓусебна взаемна доверба, изјави Ѓорчев. 

Додека се појавуваат секојдневно новите информации, според одредени медиуми САД подготвувале предлог за решавање на спорот. Според информациите од таму сметале дека Европската Унија била интертна и дека само со помош на САД, би можело да се очекува забрзување на решението на проблемот што Софија го има со Скопје. Според истиот извор првиот чекор ќе биде формирање Влада по мера на САД, која најверојатно ќе ја предводи ГЕРБ, а потоа ќе се сервира решение кое двете страни ќе мора да го прифатат. Останува отворено прашањето дали има вистина во ваквите информации или можеби само станува збор за нов пробен балон за опипување на пулсот во јавноста и во двете држави.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста