Заев се надева на поддршката на осумтемина независни од ВМРО-ДПМНЕ за двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство

Осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се картата на која ќе игра Заев за обезбедување двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство. Како и за уставните измени СДСМ има резервен адут доколку најголемата опозициска партија не ја поддржи предложената верзија. Но и овој пат Заев вели дека поддршката на независните пратеници не е безусловна.

“Драго ми е што стига позитивен сигнал од независната пратеничка група кој ме охрабрува. Тие не се безусловни, имаат свои услови, сакаат да го подобрат законот. Верувам дека и тие ќе дадат соодветни решенија во самиот закон”, вели лидерот на СДСМ.

Според Заев ниту сега ниту во времето кога се менуваше уставот, немало политички пазар за најзначајните прашања. Иако обвинителката Лиле Стефанова пред три дена во сведочење за случајот “Рекет” рече дека Катица Јанева и кажала дека на од осомничените во Империја мерката притвор треба да им се смени во куќен притвор, а на Јордан Камчев да му биде вратен пасошот поради политичкиот контекст, законот за обвинителство и уставните измени. Лидерот на СДСМ смета дека во случајот имало добри намери односно притворот да се замени со поблаги мерки.

“Веројатно тоа било и причината да се каже во таа констелација кога секако имало и други мерки оолеснителни, а не притвори и се донеле такви одлуки. Така и го толкувам, не знам како поинаку да го толкувам”, вели Заев.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека еединствена цел на власта се козметички измени на Законот, а не прифаќање на забелешките на експертите. Како и Рускоска и Јовески што е можно подолго да се задржат на тие позиции и по 12 април. Тие и денеска побараа Јовески да го покаже писмото кое му го испратила Катица Јанева.

“Кога имате притворен јавен обвинител императив е тој јавен обвинител да се оддалечи од работното место. Штом се оддалечи од работното место без разлика дали се работи за Катица Јанева или друг јавен обвинител тој не може да делегира наредби, задачи или одлуки поврзани со надлежноста на неговото работно место”, истакна Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранискиот  спикер Џафери на средба со новинарите рече дека законот ќе биде ставен на седница кога ќе биде постигнат консензус. Не прецизирајќи дали тоа значи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ или со 80 пратеници по секоја цена.

“Претпоставка ако е усогласен текстот од сите политички партии тоа значи дека сите се согласни да обезбедат соодветно мнозинство кое што е потребно односно двотретинско мнозинство минимум 80 гласа за”, изјави Џафери.

Работните групи утре ќе ги усогласуваат ставовите за замконот.Последниот рок до кога овој собраниски состав може да гласа за него е 12 Февруари.

Градимир Марковски

Advertisements

Поврзани вести