Заев се фали со економски успеси, Мицкоски го куди и предупредува од колапс

Граѓаните плаќаат даноци и ја полнат државната каса, но тие не им носат благосостојба. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски синоќа од говорница во Штип удри врз економските политики на власта. Порача дека нема ни трага, ни глас од најавите дека 2019-та ќе биде економска година, дека земјава ќе биде лидер во регионот, дека платите ќе растат, пензиите ќе одат нагоре, а инвестиции ќе има секој ден. Според него, сите ветувања можеле да се видат само преку „розевите очила“ на премиерот, но реалната слика во земјата била сиромаштија на секој чекор. Мицкоски потенцира дека има катастрофална реализација на капиталните инвестиции, а со парите од буџетот не се обезбедувал развој, туку се купувал социјален мир, за да нема тензии и да се покријат погрешните политики на власта.

За Заев, пак, на економијата и тргнало откако СДСМ е на власт. Доказ дека функционира правната држава биле рекордните инвестиции и растечката економија. Според него, токму функционирањето на правната држава овозможило во земјава да влезат голем број странски инвестиции.

И додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека има план и мотивација за побрз развој и обнова на економијата, а премиерот Заев се фали со бројките, реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со јули изнесува само 24.5%. Народната банка, пак, објави дека во периодот од април до јуни во земјава влегле едвај 8 милиони евра странски инвестиции. Странците во првите 6 месеци вложиле 55 милиони евра или за дури 258 милиони евра помалку од истиот период лани.

Тања Поповаnull