Заев се чувствувал повреден од Каракачанов: Блокадата е болна, тешка, трагична и катастрофална

По сите отстапки направени кон Бугарија, Заев дури сега се чувствувал повреден. Го повредиле и навредиле зборовите од како што го нарече пријателот Каракачанов, дека не постои македонски идентитет, одделен од бугарскиот пред 44-та година. Запрашан дали ќе испрати протестна нота по ваквата изјава, премиерот вели не, но сепак јавно ќе реагирале.

-43-та на 31 декември македонските граѓани, не си легнаа како Бугари, па се разбудија утрото 1 јануари 44-та како Македонци. Апелирам до пријателска Бугарија, посебно до општествениците и до мојот пријател Красимир Каркачанов, со кој што имам навистина пријателски односи. Да знаат колку и да е тоа податливо во Бугарија, колку и да не знам како се сфаќа, овде повредува, затоа што повредува некој кога разговара за твоите чувства, тоа е тогаш болно, изјави Заев. 

Според Заев било трагично и катастрофално што Бугарија и ставила вето на Македонија. Уште еднаш повика на пријателство, повторувајќи дека сме имале заедничка историја, но сега спомена и засебна која ја забораваше минатиов период.

-Да бидеме паметни, заедничката историја да ја гледаме како нешто што не прави поголеми пријатели, заради подобра соработка, наместо нешто што не дели. Секако следува сериозен период на горчини пред се кај нас, заради тоа што никој не се надеваше дека Бугарија може да ни стави вето, да ни стави блокада и тоа е болно, тоа е тешко, тоа е трагично и тоа е катастрофално, изјави Заев.

Инаку секојдневните провокации од Бугарија не престануваат. За Каракачанов покрај идентитетот, проблем е и што во Македонија немало бугарски медиуми, да ја шират тамошната пропаганда. И претседателот на источниот сосед, Румен Радев вели сме морале да сфатиме, дека патот кон ЕУ не минувал низ европските метрополи, со барање да се прави притисок кон Бугарија, туку преку Софија.

Матеја Петровски