Заев сака на избори на 21 Јуни, опозицијата бара Џафери да одреди нов изборен датум

Сака избори на 21 Јуни, подготвен е да преговара со опозицијата за компромисен датум, ама ако нема консензус вели дека ќе тера по свое. Заев уверува дека на лидерската средба добил поддршка од најголем дел од учесниците, изборите да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. За него предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за Август и Серптември е неодговорен бидејќи можеби ќе имало втор пик на вирусот.

“Ако не најдеме решение, законот предвидел како се решаваат сите детали. Како продолжуваат замрзнатите рокови, како се пополнува списокот со оние што наполниле 18 години до денот на гласање. Уште еднаш напоменувам, се гласа со лична карта и патна исправа. Секој над 15-16 години може да извади лична карта, и да не извади, има патна исправа. Ако по автоматизам Избирачкиот список ги има сите внатре, Избирачкиот список е завршен, јавниот увид е завршен”, изјави Заев.

Од опозицијата пак велат дека стравот од пораз го тера Заев да брза со изборите. Лидерот на СДСМ според ВМРО-ДПМНЕ е подготвен и да ги загрози животите на граѓаните само да ја реализира неговата агенда. Ниту еден од условите за кредибилни избори не е исполнет, а Заев не ги почитува препоракикте на здравствените власти, ДИК и меѓународните набљудувачи, предупредуваат опозиционерите. Тие бараат Џафери да одреди нов изборен датум бидејќи од распуштањето на парламентот поминале повеќе од 60 дена како услов за одржување на избори.

“Нервозата кај Заев е очигледна, тој знае дека губи, посакува среде најголемата жестина на смртоносната епидемија да организира некредибилни криминогени избори со мала излезност. Заев сака да организира избори кои ќе покосат човечки животи, и во тоа е единствен, изолиран и осамен. Дури и неговите сопартијци знаат дека кризата не е намалена и дека со тоа би се довеле во опасност граѓаните. Само Заев посакува избори по цена на броење на човечки жртви!”, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

Сепак Заев не одговара конкретно дали би поднел оставка како лидер на СДСМ ако изгуби на изборите. Убеден е дека ќе победи бидејќи партиските анкети му покажувале дека негоавата партија ужива поголема доверба..

Засега не е закажана нова лидерска средба за евентуално приближување на ставовите на власта и опозицијата од 21 Јуни до крајот на Август и почетокот на Септември.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста