Заев призна дека Бугарија бара терминот „македонски“ да замине во историјата

Бришење на придавката „македонски“, односно македонската историја да не се нарекува повеќе македонска, да стане историја на Република Северна Македонија, ова е само уште еден од условите на Бугарија, за одблокирање на патот на Македонија кон Европската унија. Дека Бугарите бараат менување на македонскиот идентитет во интервју за Радио Канал 77, потврди лично премиерот Зоран Заев.

-Секако употребата на македонската, на македонското, Македонецот, македонските или слично не е спорно. И кога зборувате за македонските учебници, за македонската историја, кога зборувате за Македонски Брод. (САКАТЕ ДА КАЖЕТЕ ДЕКА ОНИ ИНСИСТИРААТ ДА БИДЕ ИСТОРИЈАТА…) на Република Северна Македонија. Тоа е во делот на комисијата, прво политички е решено тоа прашање кај нас, историчарите веројатно и од бугарска страна треба да ги добијат насоките, што значи, тоа е идентитетско прашање, изјави Заев.

Бугарија овие барања ги доставува повикувајќи на отстапките кои Македонија веќе ги направи со Преспанскиот договор, каде придавката „македонски“ беше тргната од голем број институции. Па така македонската радиотелевизија, македонската опера и балет, македонската филхармонија и уште многу други институции, наместо македонски станаа национални.

Заев се правдаше и за скандалозното интервју за Бгнес. Вели било со цел за да работи позитивно во Бугарија, повторувајќи дека уште еднаш дека не сме можеле Бугарите да ги нарекуваме фашисти, иако сега кажа дека тогашната бугарска власт сепак била фашистичка.

-Администрацијата во Бугарија, тоа е власта тогашна во Бугарија, таа администрација, како што сега има власт или администрација во Република Северна Македонија, одлучила да се приклучи на Третиот Рајх, ама не можете да му дадете етничка боја на фашизмот, да викаме дека Бугарија е фашистичка или била фашистичка, изјави Заев.

Доказ дека придавката „македонски“ е проблем за Бугарија е вчерашниот состанок на заедничката историска комисија. Бугарските историчари побарале бришење токму на таа придавка од записниците на состаноците на Комисијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста