Заев пред тежок коалиционен испит- може ли битката за Тетово да ја урне Владата?!

Тетово може да ја бутне и Владата на Зоран Заев. Евентуален пораз на Теута Арифи би значел можен крај на коалициониот брак меѓу СДСМ и ДУИ. Политиколот Џенур Исени за Алфа вели дека Тетово е политички многу важна општина за албанското политичко крило и победа на Билал Касами, би довела до голем револт кај ДУИ, кој би значел рушење на Владата и предвремени парламентарни избори.

-Доколку победи Касами во Тетово ќе дојде во прашање и животот на Владата, односно опстанокот на Владата. Мислам дека ДУИ ќе се револтира и можно е да се координира со Мицкоски, односно со ВМРО-ДПМНЕ кој е во пораст, да одат на нови парламентарни избори, бидејќи ДУИ има многу подобар резултат од албанската опозиција, изјави Исени.

Проблемот за Заев е што во оваа општина капиталец за Албанците ривали во вториот круг се владините коалициони партнери ДУИ и БЕСА. Па евентуална поддршка на еден кандидат може да доведе до лутина кај другиот, што може да влијае на стабилноста на Владата. Исени е на ставот дека премиерот својата поддршка ќе мора да ја даде на Теута Арифи, бидејќи вели многу е поголема политичката моќ на ДУИ отколку на Беса. Вели бадијала ќе биде победата во помалите општини, ако не бидат добиени големите

-Најлошото сценарио за ДУИ е пораз во Тетово кое има и политичко значење за етничките Албанци. Ако се додаде на тоа евентуален пораз во Кичево, тоа ќе значи пад на ДУИ, иако победиле во некои рурални општини. Јас мислам дека Заев  не е во позиција да го ризикува опстанокот на Владата, мислам дека ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, односно Теута Арифи, изјави Исени.

Проблем за Заев и Владата може да претставува и албанската опозиција, од каде гласовите се очекува да се одлеат кон Билал Касами. Дека ќе дадат поддршка за БЕСА, најави Елми Азири од Алијансата на Албаците

-Наредните денови очекуваме да имаме преговори со Беса. Да видиме, можно е да дојдеме до некоја соработка. Важно е да падне ДУИ и Теута Арифи, која заслужува нула гласови затоа што ништо не сработи за Тетово, вели Азири.

Теута Арифи влегува со многу мала предност пред Касами вториот круг, односно само 642 гласа. Истата лесно може да биде анулирана, ако се знае дека Алијанса за Албанците имаше повеќе од 6.000 гласа, кој се очекува да се прелеат кај Касами. ДУИ во незавидна позиција е и во Кичево, каде во вториот круг влегуваат со негатива. Таму по првиот круг води Александар Јованоски од ВМРО-ДПМНЕ против Фатмир Дехари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста