Заев повторно си го погази зборот: Колку конечни датуми имаше лидерот на СДСМ за изборите?!
Лидерот на СДСМ Зоран Заев уште еднаш си го погази својот збор. На последниот прес кажа дека 15-ти јули е конечен, последен и единствен датум за избори. Но, тој е само еден од конечните датуми кои Заев ги кажа последниов период. Тој лицитираше со датуми уште во текот на зимата, во обид да избегне 100 дена техничка Влада. А откако корона кризата ги одложи изборите на 12 април, поранешниот премиер почна да лицитира со нови конечни датуми, прво 14 и 21 јуни, па 5 и 8 јули, за на крај да го прифати барањето на опозицијата и сега конечен датум да му стане 15 јули.
-Организирање брзи предвремени избори, велеше Заев.
-Нашиот предлог беше 22 или 29 декември, март 22, 29 март, 12 април, 19 април и понатаму во делот на април, лицитираше Заев.
-12 април е договорен датум за изборите, изјави Заев.
-14 јуни кога зборуваме како став на коалицијата, изјави Заев околу првиот датум за изборите летово.
-На 21 јуни ќе има избори, сигурен беше Заев.
-5-ти јули е денот на изборите, повторно беше сигурен Заев.
-Средината е јасна 8 јули, што посебно да се договара или не, порачуваше Заев.
-Го заклучуваме 15 јули како конечен последен и единствен датум за избори, на крајот се согласи Заев.
Кога се во прашање датумите, Заев неколку пати го прославуваше и датумот за старт на преговори со Европската унија, кој сепак Македонија се уште го нема добиено
-Секако одлуката за почеток на преговори е важна и мислам дека добивме максимум, значи е безусловна, изјави Заев.
Датумите за избори не се единствената тема на која поранешниот премиер си го погази својот збор. Заев во опозициските денови се колнеше и дека нема да дозволи промена на Уставот, со цел промена на уставното име
-Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко и сите мои предци, јас мојот син и ќерка сме Македонци, родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек во Македонија, да излезе пред парламент и да бара промена на Устав заради промена на уставното име, велеше Заев во опозициските денови.
-Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија, порача Заев од функција на премиер.
Се поставува прашањето зошто власта толку сакаше брзи избори во ек на пандемија, дали можеби постои страв за дополнителен пад на рејтингот со оглед на тоа што во последниов период имаше голем број скандали. А меѓу нив и случајот „Рекет“, за кој од самиот старт постои сомнеж дека има вмешаност и на лица од власта.
Матеја Петровски