Заев повторно се надева дека утрешните избори во Бугарија ќе сменат нешто во однос на Македонија

И покрај дебаклот на Македонија со ветото на Бугарија, премиерот Заев оптимист, сега спасот ќе го бара во новата Владата која ќе се избере на утрешните избори во Бугарија. Очекува зелено светло за Македонија да ги започне долго очекуваните преговори со Европската Унија.

Иако бугарскиот парламент веќе одамна донесе резолуција каде ги имаат цврсто истакнати своите ставови во поглед на Македонија, сепак Заев се надева дека новата влада ќе попушти, иако која политичка партија и да победи веќе има дадено глас за документот изгласан во бугарскиот парламент каде се негира постоењето на македонскиот јазик.

Ние очекуваме функционален парламент и политичка влада и за добивањето на зеленото светло, односно одблокирањето на Македонија на нашиот пат кон ЕУ. Се надевам дека изборите ќе бидат искулучително успешни, се надевам дека ќе ја имаат мудроста политичарите да искреираат коалиција која ќе биде парламентарно мнозинство, изјави Заев.

Заев истакна дека ги адресирал сите важни работи при посетата на 17 јуни и очекува во декември годинава да биде донесена одлуката во полза на Македонија. Вели дека не се откажува и продолжува со преговорите.

Јас објавив дека не се откажуваме, продолжуваме и продолжуваме се додека не го решиме ова отворено прашање, изјави Заев.

Пред повеќе од две години, Заев рече дека ги затворил сите прашања со соседите, дури и дека сме го зачувале македонскиот идентитет и јазик.

За неполни две години ги решивме сите отворени прашања со соседите. Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на нашата земја. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција. Наша одговорност и должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Го зачувавме, и го потврдивме и го зајакнавме. Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми, никој повеќе не го оспорува тоа, велеше Заев.

Тогаш Заев тврдеше дека јазикот никој не ни го оспорува, а токму јазикот сега е главниот камен на сопнување меѓу Македонија и Бугарија.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста