Заев: Под покровителство на Португалија и ЕУ очекуваме решение до крајот на јуни

Португалското претседателство на ЕУ до крајот на неделата ќе претстави стратегија за Скопје и Софија, тврди премиерот Зоран Заев. Според него, „кабаетлукот“ на ЕУ е недвојбен, се граделе стратегии како конечно Европа да го врати својот кредибилитет овде. До крајот на јуни очекувал да се одржи и меѓувладината седница.

По дипломатската офанзива на Заев, Димитров и Османи на Брисел, во Скопје утре доаѓаат шефот на дипломатијата на Португалија, Аугусто Сантош Силва, придружуван од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји кој го отвори прашањето за исклучување на Македонија од пакетот со Албанија на европскиот пат. Дипломатски извори велат дека целта на посетата била детално да се разгледаат опциите за излез од ќор-сокакот во кој западнаа македонските евроинтеграции по ветото од Бугарија.

Се поизвесното црвено светло од европските челници за македонскиот интегративен пат ни оддалеку не било основа за одговорност од македонските власти. Првиот дипломат Османи и покрај цврстото бугарско вето не гледа причина зошто би се барала одговорност од нив, кога сме испорачале се што побарала Eвропа.

Викендов се очекува во Скопје да допатуваат министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словенија како дел од пошироката иницијатива за деблокада на евроинтеграцискиот процес на Македонија со усвојување на преговарачката рамка.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста