Заев почна да критикува за загаденоста, на крајот на мандатот

По две и пол години од мандатот на Заев му текна да критикува за загадувањето. Прстот го впери во институциите и локалните власти кои не правеле ништо за хаосот со дивите депонии.

Македонија нема ниту една легална депонија. За жал кога ќе излезете од кој било град, од кое било населено место гледате дива депонија. Тоа прво е неодговорност на институциите кои мора тоа да го контролираат, градоначалниците се најмногу надлежни, но тука се и инспекциите пред се комуналните инспекции, изјави премиерот Заев.

Дека локалните власти треба повеќе да се ангажираат, и дека ситуацијата со загадувањето е алармантна призна и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. И за него, како и за Шилегов, проблем се сега малиот број на инспектори кои на терен ќе ги детектираат загадувачите.

Ако сега се јавите на бројот 192 да пријавите некој загадувач, ќе ви кажат сликајте го, легитимирајте го па испратете ни ги податоците. И тогаш тој полицаец не треба да зема плата, туку вие да бидете полицаец и вие да ја извршите работата негова .Или пак, ќе ви кажат – тоа е во надлежност на локалната самоуправа, рече Димитриевски.

И додека властите се свестуваат дека ништо до сега не е направено, и полека признаваат иако мина долго време откако кормилото е во нивни раце – на граѓаните им останува да се крстат во ветерот или дождот. Иако последниот, што врнеше цела ноќ, сепак не не спаси од загаденост. Мерните станици изутрината покажаа дека ПМ10 честичките се над дозволената граница. Најстрашно беше кај Ректорат – 84, а веднаш потоа е и скопската општина Центар со 36. Додека градови со најлош воздух беа Струмица и Тетово

Ања Василева