Заев: Петтиот пакет мерки ќе се финализира викендов, ќе содржи опција за помош во плати и бескаматни кредити

Уште едно одложување на петтиот пакет мерки за спас на стопанството и граѓаните. Кризата се продлабочува, а премиерот Зоран Заев по кој знае кој пат рече дека биле на крај со подготовката од овој процес и одлуката најверојатно ќе биде соопштена викендов. Најави дека ќе има помош во плати и бескаматни кредити, со можност од сумата од 10 до 30% да биде во форма на грантови.

  • Веројатно ќе имаме опционо нудење на оние големите пари во делот на директното помагање на компаниите заради зачувување на работните места, а тоа ќе бидат веројатно делот на плати за да може да го изберат граѓаните или да може да изберат бескаматни кредити со грантови коишто дефинитивно ќе им дадат можност да покрај првата опција доколку се профитабилни имаат обврска да ги враќаат средствата или дел да ги реинвестираат. Овде ќе добијат бескаматни кредити со можност од 10 до 30 отсто или колку ќе биде тоа димензионирано да добијат грант ако ја зголемат својата профитабилност, односно својот севкупен обем на производство кое што дефинитивно ќе биде локомотивата на влечење на економијата напред преку излезот од самата криза. Така што она што досега во дебатата се слушна токму према сите учесници во оваа дебатаа  тоа се граѓаните, работодавачите, работниците, синдикатите, коморите и сите, се изнедриа овие две решенија коишто верувам дека ќе смогнеме финансиска сила дополнително да ги следиме покрај сите други 15-16 мерки коишто ќе бидат секако утврдени, вели Заев.

Според бизнисмените, мерките мора да бидат насочени кон малите и средните компании зашто тие ги има најмногу во Македонија.

Инаку, петтиот пакет помош тежи 50 милиони евра, но прашањето е колку ќе биде од полза на стопанството, зашто досегашните четири не ги дале посакуваните резултати.

Помошта на државата за граѓаните и компаниите со директни, конкретни буџетски средства изнесува речиси 1 милијарда евра за време на пандемијата, а директните плаќања само на стопанството се околу 360 милиони евра, плус картичките на погодените граѓани.

Според Агенцијата за вработување, над 17.000 луѓе останале без работа од почетокот на пандемијата до сега, а регистрирани се над 50.000 невработени. Бројот на компании кои ставиле клуч на врата надмина 6.200.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста