Заев открива дека во јуни би можеле да добиеме датум, а не да ги започнеме преговорите со ЕУ

Македонија во јуни наредната година би можела да добие датум за преговори за членство во ЕУ, а не да ги започне преговорите со Брисел, како што подолго време тврдат од Владата. Ова е пораката која претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, им ја пренел на премиерот Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров на вчерашната работна средба во европската престолнина, а беше потврдена токму од македонскиот премиер.

„Туск даде силна поддршка на она што се случува во Македонија и тој ни гарантиарше дека со завршувањето на овој процес и на реформите извесно е дека Македонија во јуни ќе добиеме датум за преговори на Европскиот совет, бидејќи тоа е проектиран датум ако сите работи се одвиваат по редоследот по кој веќе и се случуваат“ – изјави премиерот Заев по средбата.

Премиерот и неговите министри во периодот пред и по потпишувањето на Преспанскиот договор постојано повторуваа дека Македонија веќе го добила датумот за преговори со ЕУ, дека околу тоа нема никакви дилеми, а Заев дури рече дека Европскиот совет, чиј претседател е токму Туск, никогаш повеќе нема да се враќа на датумот за преговорите и дека е дегутантно да се негира таквиот факт.

„Треба да се израдуваме, Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година…. Мислам дека е дегутантно да се негира таквиот факт“ – изјави премиерот во јули.

Во врска со вчерашната средба владината прес служба користи сосем поинаква интерпретација на пораката од Туск. Оттаму наведуваат дека Македонија може да се надева на почеток на преговорите во јуни 2019 година, доколку се реализира Договорот од Преспа и ако има имплементација на клучните реформски приоритети, а се избегнува токму она што го кажува премиерот, имено, дека датумот допрва треба да добие добиен.

Драган Милосављевиќ