Заев, Османи и Димитров утре во Софија во очајнички обид да ја разубедат Бугарија да го тргне ветото

Заев, Османи и Димитров утре патуваат за Софија каде во последен очајнички обид ќе бараат Бугарија да ја дигне рампата за македонските евроинтеграции. Откако веќе јавно кажа дека не очекува до 22-ри месецов поместување на црвените линии на Бугарија, Заев сепак ќе оди на средби со тамошните челници да помоли за решение – ако не сме успееле сега, имало неколку опции до крајот на годината.
A лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски преку статус на фејсбук прашува дали се подготвува ново предавство од квартетот Заев, Бучковски, Османи и Димитров во Бугарија.
Овој квартет кој државава ја чини многу скапо ќе отпатува во софија, каде се спремни да дадат бел лист хартија кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во бугарската декларација со која се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија. Овој квартет предводен од Зоран Заев ќе го прифати сето ова, што подоцна треба да се реализира со исчекување на новата влада во Бугарија. Загрозени се националните и државни интереси, Заев им дава поклон кој многу скапо ќе ја чини нашата држава, пишува Мицкоски.
И додека Мицкоски предупредува на страшни сценарија, премиерот Заев дрско му возвраќа, идентитетот не ни бил изгубен, единствено изгубен бил првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Во очи на јунскиот Самит на Унијата на кој се очекува и одлуката за интеграциите на Македонија, официјална Софија ни оддалеку не најавува менување на цврстите позиции, ама премиерот Зоран Заев брои денови и полага оптимизам. Дел од документот на бугарското Собрание за кое предупредува и опозицијата, се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски.
Ивана Соколовиќ Најдова